1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Стајковци херои спасуваа животи!

Костадин Делимитов9 август 2016

Убиствената бура остави зад себе пустош и урнатини во северниот скопски регион. Сликите се морничави, сведоштвата потресителни. Шокот полека се претвора во надеж но и револт!

https://p.dw.com/p/1JeQd
Фотографија: DW/K. Delimitov

Спасил два живота, за миг загубил речиси сѐ што имал, но не жали, благодарен е што тој и неговите најмили се здрави и живи. Добре Соколовски е еден од јунаците од кобната саботна вечер во Стајковци, скопското село кое буквално е збришано од воденото цунами. Во кал до колена спасува што може да се спаси од кршот што останал од неговата куќа на влезот од селото непосредно до автопатот:

„Катастрофа, еве погледнете, за миг пред очи загубив буквално сѐ што создавав со години. Не знам веќе што правам, од каде да почнам, два дена сум без сон, ова е кошмар што ни се случи, ужас!“

Во критичниот момент тој се враќал со својот автомобил од Крива Паланка. Хоророт го доживеал на самиот влез од селото:

„Се пробивав со автомобилот кога видов како една жена падна од мостот. Целата искршена ја ставив во автомобилот со кој не знам ни самиот како ги поминав овие стотина метри по улицата. Со раце буквално ја фрлив на скалите кога слушнав пискотници од една соседка која веќе до појас во вода едвај се држеше за еден столб. Со последни сили ја повлеков и нејзе и толку. За среќа жената и децата веќе беа на безбедно“.

Mazedonien Nach dem Unwetter in Skopje
Добре Соколовски (лево) во разговор со репортерот на ДВ, Костадин ДелимитовФотографија: DW/K. Delimitov

„Барем сме сите живи и здрави“

Она што допрва следело вели ќе го памети цел живот:

„Не можам да ти опишам, во црна темница да слушаш пискотници и лелеци, а да не можеш да направиш ништо за да помогнеш. Беше страшно!“, видно вознемирен ни раскажува Добре.

Соседот отспротива ни довикува дека Добре е вистински херој, иако вели тој воопшто и не сака така да го викаат. Водената стихија и кај овие луѓе оставила крш.

„Барем сме живи и здрави сите, две семејства од иста фамилија сме но преживеавме. Чувај боже што не беше како онаму подолу, кај онаа куќа од каде извадија едно тело. Соседите се добри но не знаат кој беше несреќникот. Веројатно некој од автомобилите кои како играчки ги носеше водата“, раскажува Александар, кој заедно со своите синови, внукот и жените расчистува дел по дел од купиштата кал. Тоа што преживеале сите вели е вистинска среќа:

„Се спасивме зошто сите бевме дома, внатре во куќата кога беше најголемиот удар. Водата дојде од две страни и буквално за минута направи езеро, ништо не се гледаше, беше страшно. Веднаш се качивме на погорниот спрат и така се спасивме. Долу, се беше поплавено, како езеро“, раскажува Александар.

Mazedonien Nach dem Unwetter in Skopje
Фотографија: DW/K. Delimitov

Помош е ургентно потребна

Сликата во овој дел од Стајковци е горе долу иста. Сведоштвата, исто така. Насекаде кал, урнатини, камења, искршени автомобили. Луѓе помагаат едни на други за да спасат што може да се спаси. По улиците се`уште можат да се сретнат пцовисани животни. Нема струја, вода. Се стравува од можни зарази. Помошта е ургентно потребна. Таа веќе пристигнува но засега многу бавно:

„Доаѓаат, гледаат, прашуваат но досега верувајте се` правиме сами. Не ги разбирам и луѓево на кои им се чудам како се „тепаат“ за да земат од она што досега ни пристигна. Срамота е, наместо оние што најмногу настрадаа први да добијат, се туркаат и грабаат други“, реагира Благојче кого го сретнавме надолу по улицата.

„И политичариве кои ни парадираат пред очи да Ви кажам искрено повеќе не можам да ги гледам. На што личи овој театар. Па срамота е. Ако сакаат да помогнат, нека дојдат и тие заедно со нас да се фатат за лопата, а не само да се сликаат“, револтиран е Благојче.

Mazedonien Nach dem Unwetter in Skopje
Фотографија: DW/K. Delimitov

Во Стајковци и околните села акцијата за расчистување трае деноноќно. Ангажирани се армијата, полицијата, на помош се повикуваат и доброволци. Пристигнува и хуманитарна помош од добронамерници, фирми, разни организации, обични луѓе. Се носи вода, храна, облека. Парични средства засега ќе добијат само настраданите. За останатите, а тие се во огромен број, комисии на терен допрва ќе треба да ги утврдуваат штетите.