1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во САД се бира според чувствата

Инес Пол/превод: Ж.А.8 февруари 2016

За што всушност се работи на овие партиски предизбори во САД? Сигурно не за реалистични програми. Овде решаваат емоциите и затоа сето е толку непредвидливо, коментира Инес Пол.

https://p.dw.com/p/1HrKM
Фотографија: Getty Images/AFP/R.Beck

Одушевеноста од Берни Сандерс не може рационално да се објасни. Дури и неговите најголеми симпатизери знаат дека на крајот нема да има шанса да стане претседателски кандидат на Демократската партија. Системот според кој неговата партија избира кандидат за највисоката должност во државата, ја прави целосно неможна победата на некој аутсајдер како Берни Сандерс против империјата на Хилари Клинтон. Партиските избори се првенствено прашање на моќ и на пари. Екстремните ставови на Сандерс, кои ги плашат многумина кои одлучуваат во неговата партија, играат само второстепена улога.

„Придружете и‘ се на револуцијата!“

Па сепак, Сандерс го поддржуваат мажи и жени, високообразовани и млади, зашто им дава чувство на важност, на право на глас. Затоа што сериозно го сфаќа нивниот впечаток оти никој не ги слуша. И затоа што со својата парола: „Придружи и‘ се на револуцијата денес“ откри ефикасна формула за задоволување на копнежите.

Револуција звучи како учество, темелна промена, на крајот на краиштата и како давање моќ на оние кои досега беа немоќни. Повикот на револуција допира до срцата.

Тоа може да „запали“ во оваа земја која е толку горда на својата побуна против Англичаните во времето на војните за независност. И во која денес многумина луѓе се чувствуваат излажани од страна на политичката елита во далечниот Вашингтон и крупниот капитал од Волстрит.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

За што се залага Хилари?

Токму тоа е стапицата во која се наоѓа Хилари Клинтон. Нејзините аргументи можат да бидат целосно втемелени, на пример во поглед на демонтирањето на плановите на Сандерс за преструктуирање на здравствената реформа. Па сепак, нејзе, барем досега, не и‘ успеа да воспостави вистинска врска со луѓето. Таа не успева да им пружи емоционално засолниште на бирачите за нивните стравови, грижи, бесот и надежите. Хилари Клинтон не нуди нови приказни. Таа е дел од минатото.

Таа (а и нејзиниот сопруг) е предолго во политиката за да разбуди речиси наивно верување дека носи спас - значи токму тоа што прилично добро му успева на 74-годишниот Сандерс.

Хилари Клинтон е единствена кандидатка во оваа посебна изборна година во која секој знае што може да очекува од неа. Познати се нејзините слабости, нејзината великодушна интерпретација на вистинското и погрешното, како и нејзините сили кога се работи за сериозно спроведување на најавените планови. Но, предвидливоста, може да се рече дури и веродостојноста, во оваа предизборна кампања се чини непожелна.

Неодлучни до последен момент

Американците, барем во оваа рана фаза, сакаат платно за проекција на своите соништа, за своите желби да соучествуваат, да вредат нешто во овој свет кој станува се‘ понепрегледен и позаканувачки.

Но, тоа не е случај само кај демократите. И кај републиканците досега високо котираат кандидати кои во предизборната кампања тргнаа со малку реализирачки ветувања и кои првенствено се надеваат и мораат да се потпрат на силата на чувствата. А тие се сила која е колку јака, толку и краткотрајна. Затоа кај овие избори многумина луѓе се неодлучни до последен момент. Тоа изборите во Њу Хемпшир за многумина ги прави возбудливи, а за некои и заплашувачки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема