1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Мексико мигрантите мора да бираат меѓу лошо и полошо

Џозеф Сорентино
30 јануари 2019

Додека Трамп тврди дека кризата е на американската страна од границата со Мексико, вистинската криза е на мексиканската страна, каде илјадници луѓе од Централна Америка живеат во неизвесност. Ситуацијата се влошува.

https://p.dw.com/p/3CJs6
Mexiko Migranten auf dem Weg Richtung USA
Мануел Лаба Алварадо со син му Хаиро го дели малиот тесен креветФотографија: DW/J. Sorrentino

Мануел Лаба Алварадо седи на креветот што го дели со својот 13-годишен син Хаиро во мало засолниште во Мексико Сити наменето за баратели на азил од Централна Америка. Креветот е мал, всушност колку за еден човек. Иако Хаиро уште е мало момче, сепак е тесно за двајцата. „Нема многу место“, признава Алварадо, додавајчи: „Но, не е така лошо." Како сѐ поголем број луѓе од Централна Америка, и тие бараат азил во Мексико, но не се сигурни дека ќе може да останат. „Имам фамилија во Хондурас, уште три деца. Заработував 215 пезоси на ден (околу 11 американски долари) ... работев во градежништво како помагач. Тоа е доволно колку да се преживее. Не можев да праќам пари за семејството", вели тој.

Според Клаудија Леон Анг, координатор на језуитскиот сервис за мигранти во Мексико Сити, повеќето луѓе од Централна Америка не ни сакаат да останат во Мексико, но вели дека „тие не можат да дојдат до САД и не можат да се вратат во нивните татковини". Тие всушност се заробени.

Mexiko Migranten auf dem Weg Richtung USA
Мигранти ја минуваат реката Сучијате, која е граница помеѓу Мексико и ГватемалаФотографија: DW/J. Sorrentino

Проценките се дека меѓу 400 и 500 илјади лица од Централна Америка влегуваат во Мексико на нелегален начин секоја година, односно преку неофицијален граничен премин. Луѓето плаќаат 20 песози за да поминат преку реката Сучијате, која е границата меѓу Мексико и Гватемала. Мнозинството бегаат од северниот триаголник, Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, кои постојано се рангирани меѓу најнасилните во светот. Најголемиот дел од насилството го предизвикуваат две групи, Мара Салватруча и 18та улица, кои убиваат, киднапираат и силуваат без да бидат казнети за тие злодела. Тие наплаќаат т.н. „рента", односно рекет од бизниси, а луѓето често мора да плаќаат „рента“ и за да преминат од едно во друго маало. На прашањето што би се случило ако некој одбие да плати, Џонатан Арнолдо Варијас, кој потекнува од Салвадор, но живее во Точан, со рацете симулира пукање од пиштол.

Пред 2014 година стотици луѓе од Централна Америка можеа да се видат качени на товарни возови што ги викаат „Ѕвер“ во надеж дека така ќе може да влезат во САД. Но, во август истата година претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, го имплементираше „Планот Фронтера Сур". Иако тој тврдеше дека планот е дизајниран да ги заштити мигрантите, всушност единствено спречи да се качуваат на возовите, а не се стори ништо за да го намали бројот на луѓе што ја преминуваат нелегално границата кон Мексико. Наместо тоа, мигрантите имаат најдено алтернативни патишта и начини за да минат низ Мексико.

За Алварадо и неговиот син тоа значи пешачење и по 12 часа на ден. „Ние пешачевме по три или четири часа„, вели тој, "и потоа седнувавме да одмориме." Хаиро вели дека не било многу тешко и дека не се заморил. Има големи ризици за секој мигрант кој патува низ Мексико. Активистите кои работат со мигрантите проценуваат дека околу 80 проценти од мигрантите стануваат предмет на напади, 60 проценти од жените се силувани, но Алверадо сепак сметал дека треба со себе да го земе и сина си. Бандите присилно регрутираат деца од 10-годишна возраст натаму.

Повеќе:

САД не смеат да ја заборават бесмислената безобѕирност на Трамп

Дете од Гватемала почина во имиграциски притвор во САД

Спортско игралиште на кое завршуваат сите соништа

Бандите ќе ве убијат

Сѐ до зголеменената рестриктивна политика за имиграција, поголемиот број жители на Централна Америка планираа да преминат во САД, каде што голем дел од нив планираа да поднесат бараење за азил. Но, сега свесни дека речиси и немаат шанса за такво нешто. Мексико им е новата дестинација. Во 2015 година, 3.400 Централноамериканци поднеле барање за азил во Мексико. Само за шест месеци во 2018 бројот се искачи на 14.000. Но, нејасно е дали Мекско е навистина добра опција за нив.

Mexiko Migranten auf dem Weg Richtung USA
Мигранти на пат од Мексико кон северФотографија: DW/J. Sorrentino

„Поголемиот дел од луѓето во Централна Америка (кои влегуваат во Мексико) не се многу образовани“, вели Франциско Сентиес, кој работи во прифатен центар за бегалци. Тоа значи имаат само две опции кога бараат работа: работа за минимална плата која изнесува 102 пезоси дневно во Мексико Сити, или да работат во зона на сива економија.

Тоа е во случај да можат да најдат работа. „Тие нѐ слушаат кога зборуваме и од нашиот акцент можат да препознаат дека сме мигранти“, вели Жоел Линарес Лизана. „Некогаш не можеш да добиеш работа поради тоа." Едгар Галес Морена додава: „Понекогаш овде работиш и не ти плаќаат, или ти плаќаат помалку."

Оскар Молина се соочува со друг предизвик. „Имам 69 години и тешко ми паѓа работата", вели тој. Тој живее во Каза Точан веќе 5 години, откако не бил во состојба да плаќа кирија. Го одржува кампот во замена за соба за себе и таму има и мал работен простор каде изработува приврзоци за клучеви, кои ги продава за 30 песози. Секој од нив е со изгравирана приказна за луѓе кои живееле во прифатилиштето. Некои им ги продава на посетителите. Невозможно е враќање во Ел Салвадор. „Бандите ќе те убијат“, сигурен е тој.

Mexiko Migranten auf dem Weg Richtung USA
Оскар Молина изработува приврзоци за клучевиФотографија: DW/J. Sorrentino

Ветувањето на САД

И покрај опасноста, дел од жителите на Централна Америка решија дека треба да се вратат во своите татковини. Варијас, чија сопруга со трите деца е во Ел Салвадор, е еден од нив. „Морам да се вратам", вели тој. „Не можам да заработам доволно за да го издржувам своето семејство. Тоа е невозможно. Во Салвадор е многу опасно... но нема друга опција."

Дискриминацијата и немањето можност за заработка не се единствените проблеми со кои се соочуваат мигрантите. Многумина велат дека Мексико е речиси исто опасно како и нивните татковини. Една студија од 2017 година на Лекари без граници утврди дека луѓето што живеат во Централна Америка „се заглавени и изложени на сѐ поголемо насилство во Мексико поради сѐ построгите и поопасни политички полициски гранични контроли на САД."

Mexiko Migranten auf dem Weg Richtung USA
Карлос Куељар не престанува да се обидува да стигне во САДФотографија: DW/J. Sorrentino

Без разлика на ваквите политики, многу мигранти сѐ уште сонуваат да влезат во САД. Карлос Куељар десет години работел во Бруклин како градежен работник пред да биде депортиран назад во Ел Салвадор во 2012 година. Постојаните закани од бандите го присилуваат постојано да пробува да влегува во САД. И покрај постојаните закани за депортација, тој е одлучен да пробува секогаш одново.

„Не можам да заработам доволно (во Мексико)“, вели тој. „Имам мајка, четири сестри и ќерка (во Ел Салвадор). Кога ќе ја поминам границата ќе бидам пресреќен, бидејќи тоа ми е сонот, да заработам пари за да му помогнам семејството. И ќе си речам „Добро сега можам да му помогнам на моето семејство и одам да си нарачам голема пица и да си ја изедам цела."