1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Куманово се враќа животот, во Скопје – протестите!

Катерина Блажевска11 мај 2015

Со свеќи во рацете, во црна и бела облека како израз на тага, вечерва на мирен граѓански собир во Скопје ќе им биде оддадена почит на полицајците кои трагично ги загубија животите во акцијата во Куманово

https://p.dw.com/p/1FOBK
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Животот во Куманово постепено се враќа во вообичаената динамика. Од денеска е отворен и Зелениот пазар во кумановската „Дива населба“ кој беше затворен 28 часа, колку што беше блокиран и пристапот кон месната заедница „Тоде Мендол“ каде се водеа најжестоките престрелки меѓу полицијата и терористичката група. Покрај пазарските тезги, веќе се слуша детски џагор од различни возрасти, за кои денеска немаше настава во училиштата ниту згрижување во градинките. Отворени се маркетите, аптеките и угостителските објекти во населбата која има околу 10.000 жители.

Но, зад таа градска раздвиженост, останува друга тажна слика. За настаните што го привлекоа светското внимание, сведочат десетина оштетени куќи. Некои од нив се изгорени до темел, поради што дел од жителите кои ги напуштија домовите и во наредниот период мора да останат кај роднините или да бидат згрижени во интернат. Екипи на ЕВН интензивно ги обновуваат оштетените водови и кабли кои висат од изрешетаните куќи. Мирис на чад се разлева од опожарените куќи и запалените возила.
Пред влезот на Центарот за култура ”Трајко Прокопиев”, од вчера е отворена книга на жалост, во која граѓаните на Куманово оставаат пораки на сочувство за загинатите полицајци.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Хан: Одговорност за настаните!

Движењето БЕСА денеска ги повика хуманитарните организации да се организираат побргу, со цел на локалното население, кое е погодено најмногу од ситуацијата, да му се понуди потребната помош за враќање на нормалниот тек на животот.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, генералниот секретар Оливер Спасовски и претставници на партијата попладнето ги посетија граѓаните на Куманово, за да ги слушнат нивните барања, потреби и проблеми. Интересот за настаните во Куманово, за нивната заднина и расвлетлување, не стивнува ни во ЕУ. Еврокомесарот Јоханес Хан денеска од Брисел испрати три пораки до Македонија.

„Прво, сите сме загрижени поради тоа што се случи во текот на викендот. Второ, бараме од сите да соработуваат за да се расветли што се случило и да се утврди кој е одговорен за настаните во Куманово. Трето, овој настан не треба да го одврати вниманието од многу сериозната внатрешна политичка ситуација и ние бараме од Владата и опозицијата да ја решат и да соработуваат. Особено, овој настан не смее да биде употребен за да се креира поголема комплексност и да се воведуваат меѓуетнички тензии во оваа ситуација“, порача комесарот Хан.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Амбасадорите кај Груевски

Попладнево во 16 часот, амбасадорите на ЕУ, САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија ќе остварат средба со премиерот Никола Грувски. Доколку средбата потрае, амбасадорите ќе имаат можност пред зградата на Владата да го видат и мирниот граѓански собир кој ќе започне во 18 часот. Со свеќи во рацете, во црна и бела облека како израз на тага, учесниците ќе им оддадат почит на полицајците кои трагично ги загубија животите во акцијата во Куманово, и ќе повикаат на одговорност. Организаторите кои се здружија во граѓанското движење „Протестирам“ ги повикаа сите граѓани на Република Македонија „кои не можат да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да им се приклучат заедно во надетничкото, натпартиското и автентичното граѓанско движење за правда и мир“.
„Најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш! Токму затоа, нашите барања се: итна оставка и преземање одговорност на целата Влада, итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму и Влада за демократизација на институциите“, порачуваат од движењето, кое најавува собири секој ден во истото време.

Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski