Во Израел мора да има нови избори
30 мај 2019Пратениците во израелскиот парламент, гласаа доцна синоќа за самораспуштање на Кнесетот, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да формира владеачка коалиција. По 7 недели од одржаните претходни избори е отворен пат во Израел повторно да се гласа.
Никогаш досега во земјата не се случило да се одржат избори двапати во една година. За распуштањето на Кнесетот и нови избори гласаа 74 пратеници, а 45 беа против.
По изборите на 9 април изгледаше дека на Нетанјаху ќе му оди лесно да формира нова влада и повторно да биде премиер по петти пат.
Меѓутоа, несогласувањата меѓу неговите потенцијални партнери- ултраортодоксните партии и секуларните ултранационалисти- како и предлог законот Нетанјаху да се изземе од судско гонење поради обвинувањата за корупција, ја направија таа задача невозможна.
Наместо формирањето на владата да се препушти на некои од ривалите на Нетанјаху, неговиот конзервативен Ликуд одлучи да поднесе предлог закон за распуштање на парламентот.
Точно еден месец откако пратениците положија заклетва мнозинството гласаше да се распуштат и да иницираат повторни избори без преседан на 17 септември, наведуваат израелските медиуми.
За првпат во историјата на Израел еден кандидат за премиер не успеал да формира коалиција откако задачата му ја доверил израелскиот претседал по изборите.
Нетанјаху пред гласањето за распуштање на Кнесетот пред пратеничката група на Ликуд кажа дека не му пошло од рака да постигне компромис со лидерот на десничарската секуларна партија, Авигдор Либерман, за контроверзниот закон за регрутација на ултраортодоксните Евреи и оти, исто така, безуспешно се обидувал да убеди пратеници од опозицијата да се приклучат на неговата влада.