ВМРО-ДПМНЕ се плаши дека ќе има слични „листи“ со СЈО!
2 ноември 2016Во составувањето на листите за пратеници длабоко влијае неизвесноста по прашањето за тоа против кои лица од ВМРО-ДПМНЕ допрва може да бидат покренати истраги или обвиненија од Специјалното јавно обвинителство, тврдат извори од оваа партија. Иако од партијата оставаат впечаток дека составувањето на листите тече „вообичаено и нормално“, предистражните постапки на СЈО видливо ја зголемуваат нервозата во партискиот врв. Антонио Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, завчера на прес-конференција се пожали дека „СЈО врши политички притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ“.
„Овие денови го сменија стилот на работа - од читање на нарачани прес-конференции и обвиненија против членови на ВМРО-ДПМНЕ, сега се префрлија во следна фаза: на повикување на што поголем број членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некакви изјави“, рече Милошоски, додавајќи дека со тоа нема да ги заплашат или демотивираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, според партиски извори, токму ова создава големи дилеми при кроењето на кандидатските листи.
„Од една страна, партијата не сака да се доведе во ситуација имињата од нејзините кандидатски листи во голема мера да се најдат и во истражните или обвинителски 'листи' на СЈО. Од друга страна, пак, преовладува мислењето дека ако не бидат ставени на листите некои клучни партиски фигури, без оглед дали и колку се засегнати од истрагите на СЈО, тоа би можело да биде прочитано како директно признавање на вина. Така што, најверојатно ќе се оди на комбинирање на „стари“ кадри со нови лица, од кои дел се познати во областа на културата, приватниот бизнис и општествениот живот“, велат овие извори.
Според нив, за дел од оние кои не се познати за пошироката јавност, се смета дека имаат висок углед во нивните професии и во местата на живеење. Но, во конечниот избор очекуваат да помогнат и резултатите од повеќе интерни анкети, кои партијата интензивно ги спроведува во последниот период. Засега, во главната постава и натаму неофицијално флуктуираат петтојунските предлози - имињата на Никола Груевски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Владимир Ѓорчев, Илија Димовски... Но, партиски извори не исклучуваат дека може да има и „благо отстапување“.
СДСМ ќе решава на конгрес
Според изборниот роковник, листите за пратеници треба да се достават до ДИК до 11-ти ноември на полноќ. Засега нема информации дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го чека крајниот рок или ќе покаже сигурност во изборот на кандидатите за пратеници многу порано од тој датум. Тоа досега го направи единствено ДПА, која веќе ги објави кандидатските листи. Лидерот Мендух Тачи е носител на листата во „шестката“. На 6-ти ноември изборот ќе го соопшти и опозицискиот СДСМ, кој на тој ден закажа конгрес на кој ќе бидат утврдени листите. И додека е сосема извесно дека на нив ќе се најдат активисти на „Шарената револуција“ и на граѓански организации, сѐ уште има големи неизвесности во кои изборни единици ќе биде распоредена „главната постава“, односно дали дуелот Заев - Груевски ќе биде во иста изборна единица или ќе се „разминат“. Покрај Зоран Заев и Радмила Шекеринска, засега како носители на листите се спомнуваат Оливер Спасовски, Стево Пендаровски, Никола Димитров, Рената Дескоска, иако не е исклучено и одредено изненадување.
ДУИ ќе изненади во „петката“?
Изненадување најавија и од ДУИ за петтата изборна единица. Иако партијата не прецизираше за какво изненадување станува збор, дел од медиумите веќе шпекулираат дека таму би можел да биде високо позициониран Бранко Манојловски, по потекло од мавровското село Kиченица, кој се декларира како православен Албанец и тврди дека во Македонија има 300.000 православни Албанци кои главно потекнуваат од 17 горнорекански села. Од ДУИ не сакаат да коментираат ниту за ваквиот предлог, ниту дали евентуално „македонско име“ на листата е одговор на стравот на ДУИ дека СДСМ може да земе голем број од гласовите на Албанците, па Ахмети деновиве јавно им порача дека „немаат право на тоа“.
Во моментов ДУИ е посветена на санирање на незадоволство во одредени партиски ограноци. Нерешените проблеми во струшкиот огранок вчера резултираа со тоа што поранешниот пратеник и заменик министер за одбрана, Арбен Лабеништа, ја напушти ДУИ и му се приклучи на движењето „Беса“. Според партиски извори, Ахмети ќе го амортизира незадоволството со тоа што на листите ќе кандидира помлади кадри, дел од владиниот, дел од последниот пратенички состав, но наводно ниту еден од таканаречните „вечни кадри“ кои беа причина за последната реконструкција на министерскиот тим на ДУИ.
Но, она што во сите партии идентично го нагласуваат, е дека ништо не е готово додека не биде готово. Кадровските комбинаторики може да траат и до последен миг.