ВМРО-ДПМНЕ ги разбива заблудите за курс кон Русија
29 март 2018ВМРО-ДПМНЕ не се огласи по одлуката на македонското МНР за протерување на руски дипломат заради недостиг од информации околу „домашните причини“ за таквиот потег, но функционери на партијата јавно го декларираат ставот околу курсот на Македонија.
„Македонија мора да биде членка на ЕУ и НАТО. Наш партнер не е Москва, наши партнери се Брисел, Лондон и Вашингтон“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, во интервју за ТВ „Алсат“.
Оваа изјава не остана незабележана од руската амбасада во Македонија, која тоа го стави на знаење преку Твитер.
„Според Александар Николовски Москва не била партнер за ВМРО-ДПМНЕ. Забележителен став“, напиша руската амбасада.
Детоксикација од антизападни ставови
И додека поддржувачи на руското влијание во Македонија на социјалните мрежи „прогнозираа“ дека тоа мора да е наивно индивидуално истрчување кое брзо ќе биде корегирано, проопозициски медиуми вчера пренесоа дека со идентичен став како оној на Николоски, се огласил и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев. На неговиот Фејсбук профил тој напишал дека целта на партијата е членство во ЕУ и НАТО.
„Многу македонски синови биле судени и ги давале своите животи за независна Македонија. Во пресудите носени во време на комунизмот без исклучок кај сите пишува дека биле за независна Македонија со западна ориентација. Тоа е ВМРО! На модерното ВМРО-ДПМНЕ партнери му се Брисел, Лондон и Вашингтон, наша цел е членство во ЕУ и НАТО затоа што ги делиме истите вредности. Македонија треба да е силна и економски развиена. Тоа се нашите вредности. Секоја друга политика не ѝ носи добро на Македонија и нема за цел стабилна Македонија, има за цел немир и поткусурување за туѓи сметки. Треба да сме мудри и да останеме силно на оваа позиција“, напишал Данев.
Иако ставовите на Николовски и Данев на социјалните мрежи наишле на жестоки критики од дел од членството и поддржувачите, висок извор во партијата вели дека нема да подлегнат на таквите критики, ниту да калкулираат со она што партијата го смета за приоритет на државата.
„Некои несоодветни ставови што се форсираа за време на политичката криза, оставија простор кај дел од членството да верува дека партијата е на удар од некои западни земји или амбасадори, што резултираше со еден одиум против токму стратегиските партнери на земјата. Новото раководство има одговорност да ја 'детоксицира' базата од таквите несоодветни уверувања и да ја објасни важноста од интеграциските процеси на Македонија во ЕУ и НАТО, кои партијата и со резолуција ги потврди на последниот Конгрес“, вели нашиот соговорник.
Базата која се противи на интеграциите и се залага за сојузништво со Русија е незначителна, сконцентрирана претежно во дел од партиотските здруженија, христијански братства и.т.н, кои немаат влијание врз јавното мислење.
Расте поддршка за членство во ЕУ
Дека граѓаните и натаму даваат висока поддршка за членство во ЕУ, покажуваат и наодите од анкетното истражување кое го спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ во ноември 2017, а кое беше презентирано завчера. Според резултатите, речиси три четвртини од анкетираните (73%) граѓани изјавиле дека го поддржуваат членството на земјата во Унијата. Споредено со минатата година, има промена во перцепцијата на граѓаните околу тоа која земја има најмногу влијание во Македонија и кои се нејзините најдобри надворешни сојузници. Граѓаните сметаат дека најголемо влијание имаат САД, ЕУ и Русија. Во поголема мера е зголемена перцепцијата за ЕУ како најдобар сојузник, а е намалена за Русија.
Податоците од анкетата се обработени во две анализи - „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската унија“ на авторот Иван Дамјановски и „Европската Унија на раб на повраток во Македонија“ на авторите Ненад Марковиќ, Зоран Нечев и Иван Николовски.
Според Дамјановски, високата поддршка за зачленување во ЕУ се должи на три фактори, од кои најсилно е очекувањето за подобрување на економската состојба по евентуалниот влез во Унијата. Други два фактора кои имаат влијание врз расположението на граѓаните за процесот, се спорот за името со Грција и односите на партиите со ЕУ, што во одреден дел се пресликува и на нивните симпатизери. Политичката криза, декларираната волја за евроинтерграциите и реформскиот процес имаат мало влијание на перцепцијата околу приближувањето кон ЕУ. Нечев смета дека растот на перцепцијата на граѓаните дека ЕУ е најдобриот странски сојузник на Македонија се должи на ангажманот на ЕУ во реформскиот процес, како и зголемената видливост на активностите на Унијата во земјата.
Повеќе:
- Јункер: Македонија е на добар пат
Димитров: се бориме за датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни-
- Падот на Груевски ги спречи плановите на Русија за Македонија
Покрај растот на кредибилитетот на ЕУ, се забележува пад во перцепцијата дека Русија е најдобриот странски сојузник на Македонија. Споредено со 2016 година, кога 26% од граѓаните сметале дека ЕУ е најдобриот странски сојузник, во 2017 година со таква перцепција се 42% од анкетираните. Русија во 2016 година била перцепирана како најдобар странски сојузник од страна на 25%, а сега таквиот впечаток го делат 14% од испитаниците.
Според директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, Јоханес Реј, ваквите наоди укажуваат на европска свест кај граѓаните, која не ја споделуваат и политичките партии.
„Позитивно сум изненаден од константната висока поддршка на граѓаните за евроинтеграциите кои се чини дека покажуваат вистински европски вредности. Од друга страна, тоа не може да се каже и за политичките актери кои во своето однесување се чини дека не се придржуваат до европските принципи особено ако се имаат предвид настаните во Собранието. Затоа мислам дека е особено важно политичките партии низ процес на заедничка дискусија и дебата да формулираат консензус за националните интереси“, смета Реј.