Владите имаат обврска да обезбедат интеграција на Ромите
8 април 2017Скопје деновиве беше домаќин на регионална работилница за буџетирање на политиките за интеграција на Ромите, што ја организираше проектот „Интеграција на Ромите 2020“ на Советот за регионална соработка. Темата е важна не само за интеграцијата и еднаквоста на ромската заедница, туку и за напредокот на државите аспиранти за влез во ЕУ: тие ќе мора да покажат конкретен напредок во инклузијата на Ромите за да станат членки на европскиот клуб. За предизвиците кои стојат пред македонската и другите национални влади во однос на ова прашање, разговаравме со раководителот на проектот, Орхан Усеин.
ДВ: Ако позицијата на Ромите е услов на Унија за проширувањето, каква е сега ситуацијата на тој план во Македонија?
Орхан Усеин: Точно е дека ЕУ бара од аспирантитe за членство конкретно да го докажат и покажат напредокот во интеграцијата на Ромите во општеството. Покрај тоа што Европската комисија го следи напредокот во интеграцијата на Ромите преку своите годишни извештаи, ова прашање е дел од преговорите за влез во ЕУ. Мора да се подвлече и фактот дека ЕК на многу конкретен начин ја поддржува интеграцијата на Ромите во пристапниот регион, како со финансиски средства, така и со политики, регионална соработка и размена на искуства. Во оваа смисла, проектот Интеграција на Ромите 2020 со средства од ЕУ и други донатори, а под водство на Советот за регионална соработка, обезбедува техничка и експертска поддршка, регионална соработка и пресликување на процесите поврзани со интеграцијата на Ромите кои се спроведуваат во ЕУ и во нејзините држави членки. Во воведниот дел од извештајот на ЕК за напредокот во 2015 година, е потенцирано дека во Македонија постои солидна законска основа за напредок во интеграцијата на Ромите, но недостига спроведување. Во посебен дел на Извештајот, се забележуваат и позитивни промени. Се нотира донесувањето на новата стратегија за Роми 2015-2020, зајакнување на одделението на Министерството за труд и социјална политика за спроведување на политиката за Ромите, одржувањето на семинари, спроведување на голем број владини проекти за социјално домување, образование, вработување и социјална помош кои покажуваат одредени добри резултати, како на пример работата на ромските здравствени медијатори во шест општини, кои помагаат и за запишување на лицата во матичната книга на родени. Државата има предизвици од аспект на овој процес, со кој би требало да се справи за да го отвори патот кон ЕУ, а проектот Интеграција на Ромите 2020 е подготвен да го поддржи тоа.
ДВ: Дали Македонија назадува или предничи во инклузијата на Ромите во споредба со земјите во регионот?
Не може да се споредуваат државите од регионот во која било смисла, па и во напредокот во интеграцијата на Ромите, бидејќи се соочуваат со различен контекст и предизвици. Уште во Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015, заклучивме дека ваквите споредби често претставуваат предмет на контекстуална наместо на суштинска споредба, која би придонела кон соработка во регионот и би го поттикнала побрзо да оди напред во однос на ова прашање. Поради ова, идејата за споредби е напуштена. Македонија соработува на меѓународно ниво од самиот почеток на отворањето на ова прашање. Во текот на тој период има усвоено бројни документи - стратегии, акциски планови и конкретни мерки, кои помалку или повеќе ги унапредува и ги спроведува. Во одредена смисла претставува пример за регионот со Ромските информативни центри и во соработката со локалните самоуправи, иако такви примери подоцна се појавија и во други држави.
ДВ: Предизвици има многу - и во образованието, и во вработувањето, и во остварувањето на социјалната заштита, здравството, правдата, домувањето, но и кога станува на личните документи на Ромите. Во која сфера се бележи најголем, а во која најмал напредок, односно стагнација?
Мора да се има предвид дека работата заинтеграција на Ромите во различни области е многу поразлична. На пример, домувањето како област е многу поскапа финансиски отколку која било од останатите области. Најзначајните и најдолготрајни вложувања на меѓународно ниво и од страна на граѓанскиот сектор, се направени во образованието. Со оглед на тоа, податоците покажуваат дека во оваа област има и најголем напредок кај Ромите, иако споредено со останатата популација не секогаш е така, бидејќи таа напредува со многу побрзо темпо. Но, на состојбата на Ромите влијаат и општите политики и текови, а не само оние кои се специфично наменети за нивна интеграција. Така, воведувањето на задолжително средно образование, секако дека имаше позитивно влијание и врз Ромите, иако не толку големо како кај останатото население. Иако акцентот во изминатите години беше ставен на образованието, бидејќи се сметаше дека тоа претставува клуч за интеграција и излегување на Ромите од маѓепсаниот круг на сиромаштијата, во последно време оваа парадигма се промени и поголем акцент се става на вработувањето и на економското јакнење. Податоците покажуваат дека голем број држави од регионот во претходниот период ја намалија официјалната невработеност на Ромите, но не ја зголемија вработеноста. Ова сега претставува предизвик, бидејќи државите се соочуваат со неформалната економија, а со тоа и со зголемената исклученост на Ромите од формалните економски текови. Се надеваме дека на ова ќе се посвети особено внимание во следниот период. Во другите области - здравството, домување, правда, лични документи, податоците покажуваат поразителна, често и влошена состојба и покрај одредени напори таа да се подобри. Иако приоритет се дава на вработувањето, наш став е дека сите области на делување се од особено значење и не смеат да се пренебрегнат. Поради ова промовираме т.н. интегриран пристап, преку кој во координација и со вклучување на сите надлежни институции, би се работело на одржлива интеграција на секој поединец или семејство во општеството.
ДВ: Очекувате ли иницијативата „Интеграцијата на Ромите 2020“, поведена од ЕК, Советот за регионална соработка и Фондацијата „Отворено општество“ да биде поттик таму каде што институциите оперативно се заспани или не му придаваат соодветно значење на процесот за инклузија на Ромите?
Секако. Точно тоа е мандатот на проектот Интеграција на Ромите 2020. Меѓутоа, не би ги нарекол институциите „заспани“. Мора да бидеме свесни дека институциите се соочуваат со многу внатрешни и надворешни предизвици во спроведувањето на нивната надлежност. Покрај ова, очекувањата се огромни, а можностите сé поограничени. Она што сакаме да го направиме, е да им помогнеме на институциите преку јакнење на нивните капацитети, регионална соработка и размена на искуства и знаење за случувањата на европско ниво во однос на интеграцијата на Ромите. Неопходно за да се поддржи овој процес, е да постои искрена желба и отвореност за соработка. Конечната цел е регионот да покаже напредок во интеграциите кон ЕУ, но тоа не е цел само по себе, туку напредок кој би можел да се прикаже. Проектот Интеграција на Ромите 2020 може да помогне, но најголем дел од решавањето на овие проблеми лежи во самите институции. Треба реално да ги поставиме очекувањата и од проектот, и од институциите, и од ромската заедница, за да го направиме она што е најмногу можно за да напредуваме по ова прашање.
ДВ: За да се следи напредокот во интеграцијата на Ромите до 2020 година, потребни се точни и ажурирани информации. Гледате ли подготвеност на националните влади сивата бројка на Роми кои се неинтегрирани и заборавени на маргините на општествата, да ја извадат на површина и да ја стават посилно во фокусот на своите политики?
Навистина е неопходно континуирано да се прибираат веродостојни податоци за да можеме да го покажеме напредокот. Недостигот на такви податоци предизвикува сомнеж дека напредок воопшто има. Дури и кога нема напредок, причините за тоа би можеле полесно да се воочат ако постојат соодветни податоци. Податоците придонесуваат да се формулираат реални и одржливи политики и конкретно да се планира. Некои податоци постојат и сега, но постои и потребата за официјални, веродостојни и редовно ажурирани. Подготвеноста на владите е видлива, бидејќи за прв пат е усвоена регионална методологија и стандарди за следење на напредокот и известување, а тоа е направено во рамки на проектот Интеграција на Ромите 2020. Ми претставува задоволство што го поставивте ова прашање и со тоа овозможивте да го подвлечеме засега најзначајниот успех во овој проект. Следува примена на тие стандарди и методологија, што сигурно ќе се соочи со многу предизвици и проблеми, а и ќе укаже на можни недостатоци. Но, ние сме подготвени да пружиме поддршка на овој процес и да го подобруваме. Со оваа методологија, државите од регионот треба да ја следат и да информираат за институционалната рамка за интеграција на Ромите, конкретните мерки и активности во различни области, статистичките показатели, како и за планирањето и трошењето на средствата за интеграција на Ромите. Ваквиот пристап ќе им овозможи на владите целосен увид во сите аспекти. Ќе знаат што дава резултати, а што не; дали издвојуваат доволно ресурси за достигнување на целите или не; како се менува состојбата на Ромите со текот на времето итн. Cе надевамe дека првите извештаи според оваа методологија ќе ги имаме до крајот на март годинава, како што е одлучено од страна на Националните контакт-точки за Роми. Тогаш ќе можеме повеќе да зборуваме за тоа и да употребиме конкретни податоци за планирање на понатамошните чекори. Дали владите се подготвени „да ги извадат на површина“ податоците, останува да видиме, но мора да напоменеме дека одредени податоци и сега постојат, и дека владите покажаа подготвеност со тоа што усвоија регионални стандарди.