Владата бара повторна истрага за смртта на Трајковски
29 февруари 2012Во денешното владино соопштение се посочува дека заклучокот е донесен откако е разгледан и усвоен „Извештајот за истрагата на несреќата на воздухопловот Кинг Аир Б 200 од 26 февруари 2004 година во Мостар, Босна и Херцеговина“, со референтен број 28-12/012 подготвен од Комисијата за истражување на несреќата.
Воедно, Владата на Република Македонија заклучи извештајот за несреќата да се достави и до Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба на Босна и Херцеговина со барање за повторно отворање на истрагата од страна на земјата што ја водела истрагата.
Извештајот за истрагата на несреќата треба да се достави и до Комитетот за правни прашања и човекови права при Европскиот парламент, до Советот на Европа, како и до Андреас Грос, евро-пратеник од Швајцарија, кој е автор на Информацијата за спроведената истрага заради разјаснување на наводно сомнителната смрт на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски.
Автор: ЖА/БГ/миа
Редактор: Борис Георгиевски