1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вирус македоникус“

8 јуни 2020

Наместо да расне разумот, под влијание на вирусот македоникус се‘ повеќе се шири самоволие. Не се почитуваат авторитетите, па биле тие и научни. Секој почнува да прави што ќе му текне. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3dQWx
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во актуелнава пандемија сето човештво е уверено дека Ковид-19 е досега најопасниот вирус со кој се соочува совремниот свет. Затоа медицинската наука во целиот свет се обедини во напорите што побрзо да произведе вакцина против вирусот. Најголемиот број луѓе во модерните општества ја сфаќаат сериозноста на состојбата. Ним им е јасно дека без вакцина нема да има брзо враќање во нормалниот животен ритам. Таму каде што народите го сфатиле сериозно овој факт, состојбата на епидемски карантин, постепено се заменува со долготрајна состојба на „контролирана нормалност“.

Реалноста покажува дека светот може да се враќа постепено и контролирано во „нормална нормалност“, ама не и Македонците. Кај нив во состојба на епидемии реакциите стануваат непредвидливи и ирационални. Тогаш кај Македонците се активира еден вирус, кој тие најчесто го носат во себе, како што секој го носи вирусот на херпесот. Тоа е загадочниот вирус македоникус. Во нормални услови се чини дека Македонците се отпорни на него, затоа што со векови живееле со него. Тој не е наречен џабе по нивното древно  име! Порано, кога немале своја држава, тој можеби им помагал да преживеат. Трагично е што овој архаичен, загадочен вирус во последно време покажува дека е склон да мутира кога ќе дојде во допир со модерни вируси. Особено со актуелниов, за кој човештвото смета дека е круна на опасните вируси. За Македонците, пак, поопасен од него е само уште вирусот македоникус, иако, како и обично, тие не се свесни за тоа. Затоа што некои од нив веќе толку многу се имаат зближено со него, што тој небаре станал нивна втора природа. Си го култивираат во себе и во нормални услови како  домашно галениче.

Не се знае „кој јаде, кој плаќа“

Симптомите на вирус македоникус кај народот имаат архаични имиња. Таков е симптомот наречен „распашана команда“. Тој прави чувството за заедничка одговорност на сите за сите, ако тоа кај Македонците воопшто постоело во нормални услови,  веднаш да почне да се распаѓа. Наместо да расне разумот, под влијанието на вирусот македоникус се‘ повеќе се шири самоволие и произволност. Веднаш не се почитуваат авторитетите, па биле тие и научни. Особено ако се од Запад! Секој почнува да прави што ќе му текне. Станува храброст да се прекршува полицискиот час. Едноставно, не се знае „кој јаде, кој плаќа“. Сѐ само симптоми на погубниот вирус македоникус! Заедништвото станува карикатурално „рогови во вреќа“. Додуша во нормални времиња Македонците се многу горди на својата „итарпејовштина“. Ама во време на епидемија, „итарпејовштината”, на пример, на партиски лидер, кој се „вади” дека не ги проучил добро прописите за однесување во епидемија, може да биде само трагично. Ама таа чудна состојба од комбинација на Ковид-19 и вирус македоникус е особено привлечна за сите што милуваат да „ловат во матно“. Криминалците и оние надарените со криминогена енергија во политиката и во стопанството  епидемиите ги нарекуваат и време на „јагма“.  Се чини дека нивниот вирус македоникус работи уште поуспешно во закрилата од епидемијата на Ковид-19.  Така епидемијата станува златното време за локалните политичари и за градежната мафија во Охрид и Струга. Кој ќе се грижи за заштитата на културното наследство, па било тоа и светско, кога се работи за живот?

Јасно е. Додека Ковид-19 ја разорува само клетката во организмот, вирусот македоникус мимикрично се крие зад него, за да  почне да ја разорува темелната клетка на општеството. Чувството за одговорност и чувството за заедништво почнуват да се губат. Секој станува ковач на својата среќа! Вирусот македоникус предизвикува политичарите да добијат амнезија, особено во состојба во која нема парламент и со земјата раководи техничка влада. Таа напати носи и одлуки за кои нема ингеренции. Едноставно, како во амнезија, заборава дека е само техничка влада! Кој, пак, може да памти се‘ во услови на пандемија? Политичарите дури забораваат под влијание на вирусот македоникус дека тоа што  го ветуваат пред овие избори, го ветувале и пред последните! Се надеваат дека и народот има привремена амнезија заради Ковид-19. Така, на крајот, вирусот македоникус предизвикува ситуацијата да стане целосно нетранспарентна.

Други колумни од авторката:

„За одличен успех и примерно поведение“

Карантински медитации

„Тајното писмо“ во книгите

Симптомите на „вирус македоникус“

Тој, имено, делува малку пософистицирано од обичните вируси, како што доликува на вирусот на древен народ како Македонците. Тој знае да се крие и да се преправа до таа мера, што за него може да се напише дебела дисертација за „вирусната мимикрија“. Затоа ниту една стратегија од модерните општества не е целосно применлива во македонското општество. За среќа, на почетокот на пандемијата македонското здравство и македонското Министерство за здравство се советуваше со соодветните служби во европските земји, во кои Ковид-19 се појави многу порано. На пример, Италија. Така  македонското здравство и политика успешно се справија со епидемијата. Тогаш македонските власти беа пример за добро менаџирање на епидемијата. Македонските граѓани дури му се восхитуваа на министерот Филипче, што не е толку типично за нив. Некои дури шеговито се прашуваа дали тој, навистина, е Македонец, затоа што не им се веруваше дека македонски политичар може да се однесува толку разумно и одговорно. И да постапува во согласност со здравствените мерки во  најмодерните европски општества!

Зошто се прашувале дали е Македонец и барале да се испита неговата ДНК, се чудат неупатените во македонската политичка вирологија? Затоа што, најискусните и најскептичните Македонци знаеја дека такво разумно однесување не е типично за сите нив. Дека тоа не е во склад со „македонскиот генетски код“. Скептиците во Македонија веќе знаеја дека од некој агол ги демне и вирусот македоникус! Тој се појавува кога отпорноста на општеството е многу намалена. Такви се вонредните состојби во Македонија. Особено тие без парламент. Тогаш се разбудуваат атавистичките симптоми на вирусот македоникус. Под влијание на овој вирус се засилува склоноста на Македонците за создавање митови и нивната длабока увереност во митовите за светски заговори. Манихејската слика за борба на доброто и злото во Македонија ја шират филозофи кои се специјалисти за се‘ – од потеклото на шарпланинците до потеклото на Ковид-19! Таквите македонски филозофи не се потпираат на научни податоци, особено кога тие доаѓаат од Западот. Тие и‘ веруваат само на својата интуиција и на своето чувство, затоа што се автентични мислители. Затоа што нивната филозофија е „жаргон на автентичност“ од балкански тип. Таа им вели дека овој вирус е создаден во лабораторија. За да ги  „уништи“ прво пензионерите, иако, според нив, неговата вистинска цел се народи како Македонците. Затоа што тие знаат дека Македонците се „папокот на светот“. Истите филозофи благовремено, уште пред многу години, пишуваа за Македонија како „папокот на светот”. 

Симптом на вирусот македоникус е и недовербата во научните авторитети. Многу од просечните македонски граѓани денес бараат видливи, дофатливи докази дека постои вирусот Ковид-19. За жал, тие се и оние кои во исто време имаат магиски поглед на светот. Тој светоглед не се изразува само во сфаќањето на верата и религиските култови кај просечните верници. И мислењето на многу македонски интелектуалци е митолошко. Наместо диференцирано критичко мислење, тие интелектуалци шират митови за заговори за борба на доброто и злото, во која Македонците се, по дефиниција, на страната на доброто. Притоа, Македонија и Филипините се земјите кои предничат во ширењето фејк њус! Може ли ширењето на лаги како профитабилен бизнис да биде на страната на доброто?

Митоманија и митофагија

Кога Македонците ќе ги обземе вирусот македоникус, тогаш тие не се само митомани, што се често и во нормална состојба. Тие, под влијание на вирусот македоникус, стануваат митофази. Тие тогаш се хранат со митови. Затоа што веруваат дека тоа ги прави отпорни на сите вируси. Иако здравиот разум не‘ уверува дека треба да се почитуваат советите на лекарите, во Македонија неретко токму академски образовани специјалисти за поезија и патриотска политика, со сета сериозност застапуваат митови дека зад мерките за контрола на ширењето на епидемијата се криел таен проект на „ТИЕ”. Шифра која  само нивните сомисленици и поклоници веднаш ја разбираат. „ТИЕ” за нив се старите „гнили капиталисти“ од поранешната идеологија, кои сега имаат други имиња. Тие за нив напати се светските западни моќници, напати дури и НАТО и ЕУ,  кои божем во „хуман-инженеринг“ веќе го менувале човештвото.

Поетеси и професорки-академици, шират говор на омраза кој во европските општества е својствен за екстремните десни радикали. Една од тие интелектуалки пред неколку години гледаше заговор на злото во „белите линии на небото” ( „кемтрејлс”) и тврдеше дека кога Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ,  ќе биде уценета да прифати кампови со бегалци во Македонија. Во која цивилизирана земја интелектуалците се борат на ваков начин против бегалците? Се прашувам, како таа, како академик, но и сличните на неа, ќе се однесуваа ако имаа влијание по војната, кога моите родители најдоа како егејски бегалци прибежиште во поранешна Југославија? Крајно време е да се најде вакцина и против вирусот македоникус. Вакцината можат да ја произведат само критички мислечките Македонци.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.