1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Видливиот ислам

Керстен Книп/ Ж.А.19 октомври 2015

Доаѓањето милиони муслимански бегалци ќе остави свој печат врз Германија и на религиозен план. Многумина Германци тешко се снаоѓаат со тоа. Дотолку попотребни се осмислени интеграциски концепти.

https://p.dw.com/p/1Goli
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Долносаксонското Сумте важи за мирно местенце: неколку старински куќи, градинарски леи и фарми, вкупно околу стотина жители. Но, преку ноќ селото стана медиумска атракција. Причината е што во празната деловна зграда на периферијата на селото ќе се вселат бегалци, по се‘ изгледа, околу илјада луѓе, што е огромен пораст. Тоа не им е драго на сите. Отворени се мноштво прашања, кои жителите ги поставија на еден собир: заштитата од пожари, отпадната вода, собирањето на сметот. Други пак имаат поинакви грижи: „Тие сите се муслимани и не‘ мразат“, рече една жена од публиката.

„Тие не‘ мразат“

Во сите општествени слоеви е присутна недоверба кон муслиманските бегалци, иако со различен интензитет. Откаде доаѓаат овие задршки?

Стравот нема реална основа, пишува муслиманката и публицистка Кола Мариам Хибш во својот прилог во интернет порталот "Qantara".

„Подгреана преку политичката реторика, задршката во прва линија е производ на игноранцијата и фантазијата“. Според Хибш, муслиманите првенствено се проекциона платформа за други нерешени проблеми. „Историјата покажува дека поврзувањето на општествените проблеми со наводната закана од религиозно малцинство е често применувана конструкција.“

Deutschland Registrierung von Flüchtlingen
Бегалците доаѓаат со религијата во „багажот“Фотографија: DW/R. Fuchs

Религиозни барања

Фактички, Германија има куп нерешени проблеми. Но, и еден дел од муслиманите го ставаат општеството под значителен притисок со своите барања. Пред да го напише својот втор бетселер на тема интеграција, Хајнц Бушковски беше градоначалник на берлинскиот кварт Нојкелн. Во 2014 година квартот имаше околу 320.000 жители, од кои 132.000 имаа миграциски корени. Во ваква констелација, пишува Бушковски, не изостануваат проблеми. Родителите на муслиманските ученици бараа од учителите и воспитувачите да не јадат свински производи, зашто при контактот потоа ќе ги загадат нивните деца. Има и други барања. „Кај мене во Нојкелн секои две години се активираше барањето за озвучување на повикот на имамот за време на дневните молитви“. Во Гладбек во Вестфалија тоа е веќе реалност. Таму од пролетоска оваа година еднаш дневно имамот повикува на молитва. „Алаху Акбар“, одекнува над градските покриви од ден во ден, освен на христијанските празници.

Верска дискреција

Со децении Германија се карактеризираше со верска дискреција. Оној кој не сакаше, не мораше да се конфронтира со религијата. Католиците и протестантите се среќаваа во црква, но по сите правила, не доаѓаа до помисла да ги принудат другите луѓе во своите убедувања. Во големите градови оваа дискреција одеше уште подалеку. Таму многумина луѓе не знаеја и не знаат на која вера и‘ припаѓаат нивните пријатели, колеги. А многумина тоа го чувствуваа и го чувствуваат за исклучително растоварувачки. За нив верата веќе не е голема тема. Така, дури 27 милиони граѓани, што значи една третина од вкупниот број жители на Германија, се атеисти.

Посебно за нив, религиозните симболи во јавноста се предизвик. Форумите на читатели во германските медиуми овие денови покажуваат дека желбата и способноста за справување со овој предизвик се со различен интензитет. Тоа посебно важи за исламот, како што покажа и анкета од Институтот за испитување на јавното мислење Аленсбах. На прашањето „дали исламот припаѓа кон Германија“, речиси две третини ( 63 проценти) од прашаните одговориле со „не“. За 22 проценти од испитаниците исламот припаѓа кон Греманија, 15 насто се воздржани.

Moschee in Hamburg
Просторот како најдобар начин на интеграција: џамијата во ХамбургФотографија: DW/S. Amri

Исламот и плурализмот

Според научните студии за религијата, стравот од исламот е неоснован. Зашто тој, пишува исламологот Оливер Рој, еден од интернационално најпрофилираните истражувачи на темата „Исламот во Европа“, не стреми кон доминација над другите религии. Сосем спротивно: барајќи признат статус за себе, тој се приспособува на правилата на игра во западните мултикултурни општества. „ Малцинската група која сака да биде призната со своите вредности, признава дека постои плурализам на вредности и верски убедувања.“

Токму затоа, препорачува Рој, државните институции треба опуштено да приоѓаат кон мерките за интеграција. Не треба да се обѕираат ни кон умерените авторитети на Блискиот Исток за да ги посмират западните муслимани, советува Рој, ниту да ставаат на располагање средства за поддршка на „цивилен“ и „либерален“ ислам. Наместо тоа, тој препорачува оставање простор на исламот, но без притоа да се променуваат сопствените закони и уставни начела. „Вистинскиот плурализам е најдобриот пат за избегнување конфликти со муслиманското население, кое од своја страна е многу разнолико, но може да се чувствува притиснато во гетоизирана заедница.“

Ако се успее да се избегне создавање гета, нема веќе потреба од големи стравувања од доминантен ислам, пишува Рој.

Предизвици и толеранција

Сепак, овој процес со себе носи и значајни предизвици, меѓу другото и за неисламската мнозинска општествена заедница. Таа мора да смета на присуствио на исламот во јавноста. Нешто поинаку во едно доселеничко општество би било незамисливо. „Решавачки е постоењето толеранција кај сите страни, прифаќањето постоење на различни културни и верски убедувања“, истакнува исламологот Рауф Чејлан.