1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Весели: Белград треба подобро да ја слуша Меркел

14 септември 2018

Нема да има промена на граници, ниту размена на територии. Ќе има признавање на независна и суверена држава Косово - категоричен е претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/34qEL
Albanien PDK Kadri Veseli Politker
Фотографија: Shpresim.M.Shala

 ДВ: Господине Весели, дали ќе има промена на границите или размена на територии?

Весели: Не, нема да има. Ќе има признавање на независна и суверена држава Косово. Ќе има недопирливост на нашата државна територија и целосен суверенитет. Нема да има заедница на српски општини со извршни компетенции кои го загрозуваат уставниот поредок и територијалниот интегритет на Косово.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ пред неколку дена рече дека нема да ја признае државата Косово. Кој е Вашиот став за тоа?

Симпатичен е претседателот на Србија, Вучиќ. Неговите говори за мир се добри, но кога го промовира Милошевиќ, тоа ни нему не му оди на чест. Ние сме заинтересирани и многу гласни што се однесува до правата на Албанците во Прешевската долина. Треба да се почитуваат нивните права во школството и останатите домени, тие треба да ги уживаат правата кои ги уживаат Србите во нашата република.

Јас бев таму изминативе денови и видов дека Албанците таму се многу заинтересирани да се спојат со Косово. Тие се уште имаат проблем со недостатокот на учебници.

Тоа е дел од нашата национална болка и ние сочуствуваме со нив. Ние ќе бидеме со нив, но без давање преголеми надежи и без злоупотребувањето на нивната состојба. Ние бараме од меѓународните партнери, но и од претседателот Вучиќ, доколку е навистина заинтересиран за европски интеграции, да ги третира своите граѓани Албанци кои живеат во Србија на достоинствен начин. Во спротивно, состојбата нема да биде поволна и нема да има добри предуслови за успешен дијалог.

Прешево сонува за живот во Косово?!

Дали жителите на Прешевската долина треба да се откажат од своите соништа?

Жителите на Прешевската долина се Албанци, горди луѓе, и ние секогаш ќе бидеме со нив. Тие никогаш не треба да се откажат од своите соништа.

Што очекувате од дијалогот?

Од дијалогот очекуваме признавање на независно и суверено Косово со почитување на интегритетот. Истовремено, очекуваме добро соседство. Минатото меѓу Србите и Албанците не беше добро. Мораме дефинитивно да се свртиме кон иднината. Истовремено, убеден сум дека пораките на госпоѓа Меркел треба малку подобро да се слушаат и во Белград, бидејќи тие во целост се сфатени на Косово.

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански