1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос тврди дека со Груевски е договорено интензивирање на процесот

АМ/миа25 јуни 2014

Шефот на грчката дипломатија тврди дека „грчката позиција е конкретна, умерена, одговорна, во согласност со меѓународното право“ и оти Атина „чека одговор од другата страна“ за решавање на спорот.

https://p.dw.com/p/1CPwH
Фотографија: Reuters

Прашањето за името на Македонија не е билатерален спор, туку меѓународно отворено прашање во рамките на релевантните одлуки на Советот за безбедност, изјавил грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Брисел.

Како што соопшти грчкото МНР, а пренесе македонската агенција МИА, Венизелос на работна вечера ги информирал колегите од НАТО дека за време на неговата последна посета во Скопје, во својство на претседател на Советот на ЕУ, разговарал со премиерот Никола Груевски при што било договорено да се интензивира преговарачкиот процес кој се одвива под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.

„И тоа и го правиме - процесот под Нимиц е погоден и соодветен процес“, рекол Венизелос. Според него, „не постои проблем со името, туку се работи за суштински проблем“.

„Името крие суштински проблем за регионалната стабилност, демократија, почитување на човековите права и владеењето на правото, почитувањето на Охридскиот договор, почитување на договорот од март 2013 помеѓу главните партии во нашата соседна земја, за која ние сме многу заинтересирани“, рекол Венизелос и додал дека Грција има големи инвестиции во Македонија и оти во неговата земја „секогаш имаат отворени врати за посетителите“ од Македонија.

Шефот на грчката дипломатија уште еднаш повторил дека „грчката позиција е конкретна, умерена, одговорна, во согласност со меѓународното право“ и оти Атина „чека одговор од другата страна“.