Венецуела со хиперинфлација од еден милион проценти
26 јули 2018Претседателот Николас Мадуро најави програма за „економско опоравување“, од 20. август е планирана монетарна промена - „пет нули помалку“. Моментно еден американски долар чини околу 3,5 милиони боливари.
Замислете си, ја добивате платата и мора да побрзате да ја потрошите, да купувате, зашто само по неколку часа, таа вреди помалку. Луѓето во Венецуела се соочени со ваква ситуација. Земјата со најголеми нафтени резерви во светот е банкротирана, во неа владее глад.
Во руралните подрачја е уште полошо, но и во главниот град Каракас се шири глад. На улиците протестираат пензионери. Од парите кои ги добиваат од државата, не можат да се прехранат. А притоа, сите тие се милионери, но парите им ги јаде инфлацијата.
„Претседателот вети четири милиони боливари, но ни исплаќаат само два милиони. Тоа не е доволно ни за половина пакување јајца“, се жали пензионерот Басилио Окто.
Земјата се наоѓа во длабока економска криза. Според проценките на ММФ, на Венецуела годинава ѝ се заканува хиперинфлација од еден милион проценти.
Засегнати се сите, дури и вработените во државните концерни, како снабдувачот со електрична енергија, Корпоелек. Тамошните вработени стапија во неограничен штрајк.
„Не можам дури ни леб да купам. И тоа со толку долг работен стаж. Да не ви раскажувам- не можам да ја израдувам ќерката и да ѝ купам барем еден сладолед, зашто тоа не можам да си го дозволам“, резигнирано раскажува Џовани Гонзалес, електричар во Корпоелек.
Ова сето се случува во земја која ги има најголемите светски резерви на нафта. Но, непотизмот и корупцијата ја доведоа земјата до работ на бездна. Фактички, на граѓаните им е итно нужна помош од странство, но владата засега не дозволува влез на хуманитарци.