1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонија нема да набавува „Спутник“ од Србија

ДТЗ
15 април 2021

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека се обезбедени 2,6 милиони вакцини. На 28 април се очекува да пристигнат кинеските вакцини.

https://p.dw.com/p/3s41R
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија нема да набавува вакцини од соседна Србија, каде што во институот „Торлак“ започна производството на „Спутник“. Министерот за здравство Венко Филипче смета дека нема потреба од нови нарачки. „Во овој момент не ни треба ниту една нарачка повеќе, затоа што, според планот, како што е димензиониран, имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини“, вели Филипче.

На 28 април се очекува да пристигне во земјата најголемата пратка на вакцини досега. Станува збор за 200 илјади кинески вакцини, чие пристигнување се оддолжи, а до крајот на месецот се очекуваат и уште 20 илјади дози од „Фајзер“. Со тоа се отвора простор за масовна имунизација на населенението и по градовите, каде се во тек подготовки. Вакцинални пунктови е во план да се отворат во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, за што се водат разговори меѓу надлежните во Министерството за здравство и  градоначалниците.

-повеќе на темата: Се крчкаат законски измени - државата ќе ги менаџира цените на приватните клиники

„Согласно расположливоста со вакцините, веднаш кога ќе дојдат вакцините може да се постигне динамика од 7-10 илјади вакцинации на ден“, најавува Филипче.

Во тек е вакцинацијата во А1 Арената Борис Трајковски, каде во моментов се одвива вакцинација на граѓани помлади од 75 години. Според Филипче, денеска има намалување на бројот новодијагностицирани со коронавирусот, со нешто под 900 новозаразени лица. Состојбата се следи, а за продолжување на рестриктивните мерки ќе се прави дополнителна проценка за време на викендот.

„Тој притисок што го имаше претходно го нема. Сѐ уште има пријави и сѐ уште сме внимателни заради тоа што има голема бројка на дијагностицирани пациенти на кои може да им затреба болнички третман, меѓутоа не е таква бројката на приеми каква што беше пред една недела. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и дека дефинитивно ова се знаци дека и овој бран стивнува“, вели министерот.