Вакцинација: Дојде редот и за канцеларката?
15 април 2021Портпарол на германската влада не сакаше да ги потврди информациите дека канцеларката Ангела Меркел утре има термин за вакцинација, кои претходно ги објавија порталите на весниците Велт и Штерн.
Тој притоа само посочи на изјавата на портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, кој во понеделникот рече: „Канцеларката ќе биде вакцинирана што е можно поскоро и дури по примањето на вакцината ќе ја информира јавноста за тоа“.
Меркел, која во јули ќе наполни 67 години, ќе биде вакцинирана со вакцината АстраЗенека, со која во Германија се вакцинирааат само постари 60 години, поради потенцијални појави на ретки тромбози кај помладите.
Доверба во АстраЗенека
Со најавената утрешна вакцинација канцеларката ќе ја следи постапката на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер кој неодамна беше вакциниран со вакцината на АстраЗенека. Тој притоа потенцираше дека „има доверба во вакцините кои биле одобрени во Германија.
По препорака на Постојаната комисија за вакцини во Германија-Стико, од почетокот на април со АстраЗенека се вакцинираат само лица над 60 години.
Повеќе:
-Германија ја одложи одлуката за АстраЗенека
-Германија: АстраЗенека само за постари од 60 години
-АстраЗенека: Да се спаси што може да се спаси
Германските здравствени власти пред неколку дена одлучија дека луѓето кои примиле вакцина на АстраЗенека во првата доза, треба да ја примат вакцина од Бионтек/Фајзер или од Модерна како втора доза.
Дали Меркел веќе пропуштила еден термин за вакцинација?
Според извештаи на некои германски медиуми, канцеларката требала да ја прими вакцината порано, односно уште во неделата.
Но, терминот бил одложен поради состанокот на парламентарната група на демохристијанските парти во Бундестагот, на чиј дневен ред беше дискусијата за важното прашање за кандидатот за иден канцелар на Германија од редовите на конзервативците за што конкурираат Армин Лашет и Маркус Зедер. Портпаролот на канцеларката Зајберт не сакаше да ги потврди ваквите извештаи.