1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот ќе нема доволно војници?

2 март 2011

Укинување на општата воена обврска во Германија веројатно ќе предизвика и проблеми. Регрутите беа еден од важните извори за Бундесверот, кој сега треба да се потпира на доброволци и професионалци.

https://p.dw.com/p/10Rva
Фотографија: AP

Од први март наместо регрутите, служба започнаа само доброволци. Оние кои се пријавиле, според весникот „Фајненшл тајмс Дојчланд“, кој се повикува на статистика на Министерството за одбрана, се само десет проценти од потребниот број. Регрутите беа еден од важните извори за Бундесверот, кој сега треба да се потпира на доброволци и професионалци.

Отпаѓа обврската за одење во војска

Bundeswehr Gelöbnis Stuttgart
Заклетва на последната класа регрути во Штутгарт, февруари 2011 годинаФотографија: AP

„Дека верно ќе служам и ќе го бранам правниот поредок на земјата...“

Вака последниот пат регрутите кои подлежеа на задолжителната воена обврска се заколнаа на верност кон татковината. Бидејќи Бундесверот ќе се трансформира во професионална армија, од први март момчињата не мораат да одат в касарна.

Но, со укинувањето на општата обврска за служење војска пресушува важен извор за подмладок на безбедносните сили. Околу 40 проценти од оние кои се јавуваа за подолга воена служба и за професионални војници доаѓаа од големиот резервоар на регрутите со општа воена обврска.

„Така стигнав овде, разгледав и ми се допадна во Бундесверот, па склучив договор на 12 години“, вели еден млад човек.

Пет милиони евра буџет за реклами

Bundeswehr Haushalt
Фотографија: AP

Во иднина Бундесверот ќе мора да го разбуди интересот на младите момчиња и девојки, без автоматски да добива кандидати:

„Бундесвер, кариера со иднина“, вака гласи рекламата.

Министерството за одбрана планира во наредните месеци да инвестира пет милиони евра во реклама. Покрај радио и телевизиските спотови, маркетинг се планира и во весниците.

Експертите меѓутоа се скептични дали Бундесверот со планираниот намален буџет воопшто може да привлече доволно доброволци. На германската војска и‘ се потребни годишно околу 50 илјади луѓе, според сегашната состојба на работите. Ако се направи споредба со американските искуства, Бундесверот својот буџет за реклами би требало да го зголеми од 4,8 милиони евра на 1, 6 милијарди евра. Но, бидејќи Министерството за одбрана со својата реформа за цел има штедење, реформата на воените сили во себе крие уште повеќе политички експлозив.

Автор: Андреа Нол/ дпа/Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев