1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарските граѓански патроли ловат бегалци

Карла Блејкер / Е.М. Фиданоска18 април 2016

Бегалците се обидуваат да ја избегнат Бугарија и да не се соочат со растечкото непријателство кон странци во таа земја. Сега на интернет се појавија видео снимки на кои се гледа како граѓански патроли ловат бегалци.

https://p.dw.com/p/1IXVo
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Во социјалните мрежи со недели се вртат видеа на кои е прикажано како група цивили во јужна Бугарија се обидува да ги запре бегалците. Една нова видео снимка прикажува баратели на азил со врзани раце. Од позадината се слуша како некој човек им вика. Видеото прикажано на многу англиски телевизии потекнува од бугарска граѓанска патрола, која е активна на границата на земјата кон Турција.

Член на граѓанската патрола, кој не се гледа на снимката, од позадината на лош англиски извикува:

„Турција!“

„Враќајте се назад!“

„Назад, Турција!“

„Сега, Турција!“

„Не Бугарија! Не Бугарија! Не Бугарија! Веднаш!“

Претходно, од страна на граѓанска патрола на интернет беше ставено слично видео снимено во шума. Во блогот ставен на интернет заедно со видеото, авторот пишува дека сретнал група од 23 бегалци од Авганистан. Телевизиски тим на бугарската ТВ Нова тој ден ја придружувала граѓанската патрола за емисијата „Ничија земја“.

Видео снимките во Бугарија и надвор од нејзините граници предизвикаа жестоки дискусии, меѓу другото и затоа што странските медиуми се зафатија со темата. Во Бугарија на активностите на граѓанските патроли се гледа многу помалку критички отколку во странство.

Во анкета спроведена неодамна за бугарската државна телевизија, големо мнозинство граѓани им даваат поддршка на граѓанските патроли на југот на земјата. Од граѓаните опфатени со анкетатата, 84% дале поддршка за акциите, а само 16% рекле дека се против.

Кој стои зад граѓанските патроли?

Таканаречените „граѓански одбрани“ или патроли, не се официјални организации, туку се групи луѓе со слични мислења и претстави. Професионалниот борач во полутешка категорија Динко Валев е нешто како портпарол на една од ваквите групи. Откако на почетокот на април се појави новото видео, Валев беше сослушан од страна на полицијата. Тој веќе неколку пати настапуваше на бугарските телевизии.

Често, тој бегалците ги изедначува со терористи, неговите поддржувачи го нарекуваат „супер херој“. Во февруари на интернет стави свое видео, на кое се гледа како членови на неговата граѓанска патрола ги ловат бегалците.

Ако тие смеат да активираат бомби, тогаш и јас смеам да го правам ова“, рече Валев за редакцијата на ДВ на бугарски јазик во март. Освен тоа, во интервјуто тој вели дека лично ќе финансира гранична единица на „граѓанската одбрана“ со полна опрема. Групата на Валев на Фејсбук-страницата има 20 активни членови. Тие ги споделуваат сликите од своите акции и прикажуваат како одат во патрола.

Bulgarien Dolno Yabalkovo
Слав Славов во селото Долно Јабалково, низ кое често минуваат бегалциФотографија: DW/T. Vaksberg

Еден член на граѓанската патрола се вика Слав Славов. Тој живее во малото гратче Веселиново. Славов беше член на владеачката партија ГЕРБ. Во март за ДВ изјави дека неговата партија го „уништила“, откако тој во бугарските медиуми барал „поголем национализам“ и рекол дека „луѓето конечно треба да преземат контрола“. Поради тие зборови морал да се повлече, вели Славов.

Но, тој и натаму останува решителен противник на бегалците. „Отидете во некое погранично село, ќе видите расплакани старци, кои се напаѓани и ограбувани од странци!“, вели тој. Но во пограничното село Долно Јабалково не се жали никој. Тука за грабежи од страна на бегалци никој и не слушнал.

Министерот за надворешни работи најавува казни за оние што сами делат правда

Непосредно по формирањето граѓански одбрани и откако станаа познати нивните акции, бугарскиот министер за внатрешни работи за предлогот на Валев само рече дека е „невообичаен“ и побара од медиумите да ги забележуваат сите невообичаени работи.

Премиерот Бојко Борисов отиде чекор понатаму. Тој дури и ги пофали граѓанските патроли и рече дека заштитата на бугарската јужна граница треба да биде заеднички проект. Откако во странство стана гласно незадоволството од видео снимките со граѓанските патроли, Борисов ја смени изјавата. Тој на Фејсбук објави дека илегалните акции ќе бидат правно гонети. На 14 април бугарскиот министер за надворешни рбаати Даниел Митов во интервју за ДВ се дистанцираше од граѓанските одбрани:

„Тоа е нешто што во никој случај нема да го толерираме“, рече Митов. „Во Бугарија има власт и институции кои си ја вршат работата. Граѓаните, во краен случај, може само да јават за некои случаи, но во никој случај не смеат да го земаат законот во свои раце. Оние кои сепак го прават тоа, ќе бидат казнети.“

На едно, на интернет објавено, „Упатство за бегалци“, напишано на арапски јазик, Бугарија е на прво место на листата земји кои бегалците треба да ги избегнуваат. Во текот на изминатите месеци бројот на бегалци кои се обидуваат да влезат од Турција во Бугарија, е намален. Тоа не се промени и по затворањето на грчко-македонската граница и Балканската рута.