Бугарија гледа „можност“ за завршување на спорот за името
16 мај 2018ЕУ може да избира - или ќе извезува стабилност, или ќе увезува нестабилност, вели во интервју за „Штутгартер нахрихтен“ еврокомесарот Јоханес Хан пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Укажувајќи дека „во 1990-тите години други, особено Американците, се грижеа за Балканот, затоа што Европа не беше во состојба за тоа“, Хан оценува дека тоа „во меѓувреме е променето“ и сега треба да се оди „чекор натаму“:
„Имам разбирање за скепсата, но јас не велам дека Албанија и Поранешната Југословенска Република Македонија веќе денес се зрели за приклучување. Меѓутоа, реформите кои се неопходни најдобро можат да се направат во текот на процесот на приклучување - тогаш нашиот политички лост е далеку најголем. Да ја земеме како пример корупцијата. Сите шест балкански држави имаат законодавство кое може да се споредува со нашето. Но, во текот на преговорите за приклучување внимаваме на тоа законите да бидат применувани, случаите на корупција навистина да се процесуираат и големите риби да не бидат поштедувани. Ако нема напредок во оваа насока може да ги прекинеме преговорите. Сѐ уште незадоволителната состојба на правосудните системи во Албанија и во ПЈР Македонија значи можеме да ја надминеме само ако влеземе во процес на преговори“, вели еврокомесарот Хан во интервјуто.
Тој, меѓу другото, се осврнува и на важната улога на Германија во процесот на приближување на Западниот Балкан кон ЕУ и вели дека „на германската влада, се разбира, ѝ е потребна парламентарна поддршка, за што само што повторно се заложив во Бундестагот“. „Од Европскиот совет во јуни потоа очекувам ние, како Европска Комисја, да добиеме налог за подготовка на преговори со Албанија и ПЈР Македонија“, нагласува Јоханес Хан.
Повеќе:
И Заев и Мицкоски во Софија, на различни самити
Едно име – многу можни губитници
За самитот во Софија и шансите за решавање на спорот за името пишува и „Еурактив.де“. Притоа, цитирана е бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која се надева дека средбата на македонскиот и грчкиот премиер во Софија „ќе може да ги поттикне преговорите“:
„Гледам шанса. Навистина се надевам дека овие компликувани, но позитивни преговори, ќе може да се завршат. Тоа би било добро за граѓаните на двете држави“, вели во врска со спорот за името Захариева за „Еурактив.де“.