1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците и Шпанците ќе го спасуваат „Опел“?

23 ноември 2009

Непосредно пред денешниот самит посветен на иднината на автомобилскиот производител „Опел“ (23.11.2009) германскиот сојузен министер за економија Рајнер Бридерле предупреди од субвенционен натпревар во Европа.

https://p.dw.com/p/KdJC
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претходно беше објавено дека Велика Британија, Шпанија, Белгија и Полска предвидуваат милијарди помош за матичната фирма на „Опел“, „Џенерал моторс“ (ЏМ). Исто така и комесарот за индустрија во ЕУ, Гинтер Ферхојген се изјасни против државна помош. Германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле побара транспарентност на плановите за санирање на „Опел“. На разговорите за иднината на „Опел“ во Брисел се очекуваат новиот шеф на „ЏМ“ во Европа Ник Рајли, како и владини претставници од Германија, Шпанија, Велика Британија, Полска и Белгија.

Меѓусебна конкуренција

Самитот е во организација на комесарот за индустрија во ЕУ Гинтер Ферхојген. Тој си постави цел за средбата: „Не сакаме американски концерн да си игра со работни места во Европа.“ Но, овие ставови се изменија. Уште при преговорите за продажба на „Опел“ на „Магна“, Германија беше притисната на финансиски одобрувања. А другите земји се жалеа дека во Германија има протекционизам и се обидува да ги спаси само седиштата на фирмата во сопствената земја. Притоа не се осврнува на погоните во други земји. Сега во „Џенерал моторс“ сакаат сами да санираат. Новиот германски министер за економија Рајнер Бридерле не сака да троши германски пари од даноци. Сега, пак, Германците се жалат дека наместо во нивната земја, „Џенерал моторс“ се обидува во Велика Британија, Белгија или Шпанија да издејствува да ги зголемат субвенциите, за да бидат задржани тамошните производни погони или за гаранции за работните места. Сето ова е на сметка на погоните во Германија.

Guenter Verheugen
Гинтер ФерхојгенФотографија: picture alliance/Wiktor Dabkowski

Гинтер Ферхојген не го исклучува тоа: „Постојат индикатори дека некои влади веќе дале неформални одобрувања настрана од Германија. Поради тоа реков: Сега мора да реагираме. Стравуваме дека субвенциониот натпревар веќе започна. Нема да биде едноставно да се најде решение. Јасно е дека секоја влада најпрво се грижи за работните места во сопствената земја.“

И оние синдикати кои не присуствуваат на самитот, го поздравуваат обидот на Комисијата на ЕУ да се постигне европска спогодба, вели Петер Шерер, шефот на европскиот Сојуз на синдикати од металската индустрија: „Мораме да спречиме не само погоните, туку и владите да не влезат во конкурентска борба и да не работат на штета на другите.“

Какви се плановите на „Џенерал моторс“ за санација

Но, денес на дневниот ред е „Опел“. Германскиот министер за економија Бридерле го испрати неговиот државен секретар Јохен Хоман, а „ЏМ“ го претставува новиот шеф за Европа Ник Рајли. На средбата од него се очекуваат поточни информации за тоа како „ЏМ“ воопшто го замислува санирањето на „Опел“, како и каде треба да бидат затворени околу 10. 000 работни места.

Гинтер Ферхојген предупредува од илузии, кои можат да се постигнат со државни пари. Според комесарот за индустрија, европската автомобилска индустрија крајно работи со 20 проценти вишок капацитети. „Тоа значи дека во секој случај ќе се укине голем број работни места во европската автомобилска индустрија. Ако во овие структурни промени се интервенира со државни средства, тоа ќе има влијание на конкурентноста на пазарот. Со тоа ќе се постигне работните места кои ќе бидат спасени со државни пари во еден погон, да мора да се укинат во друг погон.“ Затоа Ферхојген смета дека со средства од даноците нема да се спасат работните места. На тој начин можеби само поинаку ќе се распореди загубата на работни места.

Автор: Андреас Ројтер / Јасна Мушиќ-Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска