Британски развод од ЕУ
24 јуни 2016Првата непосредна последица од победата на брегзит-таборот во Велика Британија е најавената оставка на британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој со солзи во очите изјави дека за својата одлука веќе ја известил кралицата Елизабета Втора. „Британците гласаа за излегување од Европската унија и нивната желба мора да се почитува“, изјави британскиот премиер.
Камерон, кој се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ, изјави дека нов лидер на Конзервативаната партија ќе биде избран на конгресот во октомври. Тој истакна дека одлуката за оставка не ја донел лесно, додавајќи дека смета оти е во интерес на државата да има период на стабилност, а потоа е потребно ново лидерство.
За разлика од тмурното расположение на Даунинг стрит и кај сите приврзеници на останувањето на Велика Британија во ЕУ, огромно задоволство владее во редовите на поддржувачите на победничката опција.
Најџел Фараж, евроскептичниот лидер на британската партија за независност (УКИП), изјави дека почнува да сонува за „независно Обединето Кралство“. Според него, одлуката за брегзит е победа на вистинските обични луѓе. Фараж порача дека Европската унија умира и оти на повидок е „Европа на суверени држави“. „23 јуни нека биде ден на нашата независност“, рече Фараж.
Погледнете го вебвидеото со изјавите на Камерон и Фараж:
Премиерката на Шкотска, Никола Старџон денеска изјави дека постои можност за нов референдум за независноста на Шкотска по гласањето за излез на Велика Британија од ЕУ. „Сега постои можност за втор референдум“, изјави претседателката на шкотската влада. На првиот референдум во септември 2014 година победи струјата за останување на Шкотска во Обединетото Кралство.
Никола Старџон по објавувањето на резултатите од вчерашното гласање истакна дека е јасно оти луѓето во Шкотска својата иднина ја гледаат во ЕУ. Сите 32 окрузи во Шкотска на референдумот гласале за останување во ЕУ, односно вкупно 62 насто наспроти 38 насто од граѓаните гласале во полза на Унијата.