1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел нема магична формула за македонската криза

Катерина Блажевска30 март 2015

Не постојат големи очекувања - според дипломатски извори, денешната средба меѓу претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со парламентарната „тројка“ во Брисел, повеќе ќе биде „средба за загревање“.

https://p.dw.com/p/1EzMk
Фотографија: AP

Ни во јавноста, ни во политичките партии нема големи очекувања од денешната, прва средба во Брисел, меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со тројца пратеници од Европскиот парламент. Опозицијата ќе ја претставува Радмила Шеќеринска, а според непотврдени информации, во име на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува министерот за надворешни работи Никола Попоски. Неофицијално, секој од нив ќе биде придружуван од уште еден член од матичните партии.

Европратениците - Едвард Кукан од демохристијанската група, либералот Иво Вајгл и Ричард Хауит од групата на социјалистите, ќе направат прв обид за преговори меѓу двете партии, во својство на олеснувачи. Како што дознаваме од дипломатски извори, на средбата ќе има претставник и од кабинетот на комесарот Јоханес Хан. Планирано е прво средбите да бидат поединечни, а потоа евентуално да има и заедничка средба со претставниците на двете партии.

Дипломатски извори за Дојче веле признаваат дека во моментов Брисел нема волшебно стапче за решавање на политичката криза во Македонија.

„Нема магична формула, бидејќи ситуацијата во Македонија е еден вид преседан. Немало сличен пример, од кој би можеле да црпиме искуство за наоѓање на решение, за кое, пред се‘, очекувавме да видиме иницијатива од политичките партии во земјата. Досега не видовме обид да се воспостави дијалог, а од некаде мора да се почне“, велат тие.

Според нив, до политичките актери во земјата досега биле испратени неколку јасни пораки - дека мора да се соочат со фактот оти ситуацијата е многу сериозна, дека ако не се почне со решавање на проблемите земјата се‘ повеќе ќе се доближува не кон ЕУ, туку кон изолација, и дека во такви услови препораката за преговори не може да биде повторена.

Разговорите – во Скопје!

Универзитетскиот професор Борче Давитковски, во чиј минат труд е запишано раководењето со Комисијата за расветлување на настаните од 24 декември 2012 година, знае колку е тешко да се водат преговори. Тој посочува дека е важен форматот, но и местото за одржување на разговорите.

„Основно е на кое ниво (претседатели, потпретседатели или високи функционери) ќе бидат претставниците од нашите партии! Од моето досегашно искуство, мислам дека преговорите треба да се одржат во Скопје со претставник на ЕУ, за да можат учесниците брзо и лесно да извршат консултации со своите шефови и органи на партијата. Никој, освен лидерите на партиите во Македонија, нема мандат и не смее нешто поконкретно да се договори. Дури и лидерите да се договорат, тоа не значи дека 'органите на партијата' тоа нема да го изменат или да бараат дополнување на веќе договореното поради повисоки партиски интереси. Затоа сметам дека само во Скопје и во присуство на лидерите и висок и претставник на ЕУ има шанси нешто да се договори за надминување на постојната политичка криза. Можеби е добро и некој наш да се вклучи заради усогласување на ставовите во согласност со нашето законодавство, кој би му помагал на претставникот на ЕУ околу терминолошките разлики при формулирањето на заклучоците, бидејќи она што за Европа е договор, спогодба или заклучок, нашиве политичари тоа може да го толкуваат на друг начин, како што во моментот ним им одговара“, вели Давитковски.

Borce Davitkovski
Борче ДавитковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Но, она за што се залага Давитковски, се однесува на таканаречена „зрела фаза“ на разговорите. Според дипломатски извори, сосема е извесно дека денешната средба во Брисел повеќе ќе биде „средба за загревање“.

Тројката“ не е доволна

Во Македонија се‘ повеќе растат очекувањата дека ангажманот на парламентарната „тројка“ ќе биде кадровски засилен од ЕУ. Таквиот став го застапува и д-р Малинка Ристевска-Јордановска од Институтот за европска политика- Скопје (ЕПИ).

„Ангажирањето на тројката европарламентарци во македонската политичка криза е за поздравување, но не е соодветен одговор на нејзината длабочината. Тој најмногу би требало да послужи да се покаже единствен политички став од страна на европските политички партии и да придонесе за клима за политичка разврска. Очекувам ова да биде само увертира за поконкретно ангажирање на европските институции на владино ниво, особено на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи. Постои можност за враќање на специјалниот претставник на ЕУ, иако тоа не одговара на сегашниот статус на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес, а предизвик е дефинирањето на неговиот мандат. Со мониторингот на Јавното обвинителство и извесните судски процеси би се заокружиле полињата на ангажманот на ЕУ“, вели Ристевска-Јордановска.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Зошто владиниот коалициски партнер ДУИ не присуствува на разговорите во Брисел?Фотографија: Petr Stojanovski

Во однос на се‘ побројните забелешки дека македонската политичка криза бара силно посредништво, а не европски олеснувачи од „перо-лесна категорија“, дипломати од Брисел велат дека таа опција секако е во игра, но претходно мора да се дефинира со каков мандат би дошол тој посредник и кој ќе ја донесе одлуката за тоа. Разговорите на таа тема се очекува да се интензивираат откако претставници на Ковеб (Coweb) групата во која учествуваат претставници на земјите-членки на ЕУ, ќе ја посетат Македонија по 20 април.

Зошто ДУИ не е во Брисел?

Во меѓувреме, на домашен терен се отвора и прашањето зошто владиниот коалициски партнер ДУИ не присуствува на разговорите во Брисел. Аналитичарот Арсим Зеколи оценува дека е несфатлив ставот на СДСМ да прифати преговори со ВМРО-ДПМНЕ, без учество на албанскиот политички фактор.

„Со тоа опозицијата ја прифаќа играта на израелско сценарио во која Македонците решаваат, а Албанците и другите прифаќаат... Бегството од Брисел за Ахмети е спас од споделувањето на одговорноста со ДПМНЕ за криминалната деструкција на земјата, но и пропуштена шанса за СДСМ преку инсистирање на неговото вклучување да се одбрани од интригите на Груевски и воедно ја демонстрира сопствената граѓанска идеолошка определеност и транспарентност. За жал, со својот кратковид однос СДСМ уште повеќе ќе ги зајакне сомнежите кај Албанците дека Али Ахмети е под највисок, консензуално договорен, протекторат на етно-македонските политики и странските фактори на одлучување како употреблив Албанец по мерка на сите - освен на Албанците“, пишува Зеколи.

Не само зарди ова, туку и заради „традиционалната политика на непопустливост“, според повеќето аналитичари, многу мали се шансите дека денешната средба во Брисел ќе донесе макар и минимален исчекор надвор од досегашните партиски „ровови“.