Борусија Дортмунд и Бајерн на курс кон финалето во Берлин
13 февруари 2014Минатогодишните финалисти во Лигата на шампионите во полуфиналето на домашен терен ќе треба да се справат со противниците од Кајзерслаутерн и Волфсбург. Така гласеше исходот од извлекувањето на двојките за полуфиналето на германскиот куп, пренесувано на германската телевизија АРД синоќа (12.02.2013) по крајот на четвртфиналните мечеви од Купот.
Носителот на тројната круна, Бајерн Минхен за противник го доби од една страна на хартија најлесниот противник, а од друга страна и најголемото изненадување во досегашниот тек на куп натреварите во Германија. Кајзерслаутерн имено во синоќешниот четвртфинален меч во Леверкузен по продолженијата со резултат 1:0 го елиминираше домашниот тим, кој е втор на табелата во Бундеслигата и настапува во Лигата на шампионите. Претходно оваа екипа од натпреварите во Купот елиминираше уште еден прволигаш- Херта од Берлин.
Сепак во Кајзерслаутерн по подвигот во Леверкузен се надеваа на полесен противник- со оглед на надмоќноста и непобедливоста на Баварците во актуелната сезона. Синоќа Бајерн од Минхен во четвртфиналето го декласираше домаќинот Хамбургер со 5:0.
И покрај изненадувачки успешниот настап на второлигашот Кајзерслаутерн во Купот, сепак фудбалските експерти очекуваат дека далеку понеизвесен ќе биде исходот од втората полуфинална двојка: Борусија Дортмунд - Волфсбург.
Екипата од Дортмунд пласман во полуфиналето обезбеди во вторникот со минималната победа кај Ајнтрахт во Франкфурт, додека пак Волфсбург вчера успеа со 3:2 да слави на гостувањето против Хофенхајм.
Во првиот лигашки дуел меѓу овие два тима во есенскиот дел од сезоната, Волфсбург славеше победа со 2:1.
Полуфиналните куп средби ќе се одиграат на 15. односно 16. април, додека финалето во Берлин е закажано за 17 мај.