79 деца досега загинале во војната во Украина
12 март 2022Руските вооружени сили, според извештаите на медиумите и локалните власти, денеска продолжиле со нападите северозападно од Киев и врз други украински градови. База на украинските воздухопловни сили во близина на главниот град изутрината била уништена од руски ракетен напад, јави украинскиот огранок на руската новинска агенција Интерфакс. Погодено е и складиште за муниција во Василков.
Британското Министерство за одбрана го објасни најголемиот дел од руските копнените сили се наоѓаат на околу 25 километри од центарот на главниот град на Украина. Сателитските снимки покажаа дека тие стрелаат со артилерија додека напредуваат кон Киев.
Гранатирана џамија во Мариупол
Според украинското Министерство за надворешни работи, ракетирана е џамија во зaвојуваниот пристанишен град Мариупол, во која повеќе од 80 деца и возрасни - меѓу нив и труски државјани - побарале засолниште. Информации за жртвите не беа достапни.
Повеќе: Европа ја финансира војната на Путин во Украина
Сирените за воздушен напад се вклучија во повеќето украински градови во утринските часови, објавија локалните медиуми. Луѓето беа замолени да одат во засолништа. Опколените градови Харков, Чернихив, Суми и Мариупол сè уште се под силен артилериски оган, соопшти британското министерство за одбрана. Украина се подготвува за нов бран напади врз областите Киев, Харков и Донбас, изјави советникот на началникот на Генералштабот на Украина.
Сепак, Украина не смета дека Белорусија ќе им се придружи на руските инвазивни сили.
Страдањето на децата
Според информациите од Киев, од почетокот на руската инвазија врз Украина загинале најмалку 79 деца, а повеќе од 100 се повредени. „Овие бројки не се целосни, бидејќи не постои можност да се истражат гранатираните локации , на кои руските сили спроведуваат активни воени дејствија“, соопшти денеска канцеларијата на украинскиот јавниот обвинител.
Во првите 16 дена од војната, повеќе од 280 образовни институции низ земјата биле оштетени а 9 се целосно уништени, се вели во соопштението.
„Како последица на ова, седум милиони деца, поради активните непријателства и намерното уништување на овие образовни институции се лишени од можноста да учат“.