1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170709 Rennen zum Mond

20 јули 2009

Поминаа 40 години откако човек за прв пати стапи на земјиниот природен сателит - месечината. Но, потфатот за слетување врз месечината првенствено беше продукт на студената војна меѓу Истокот и Западот.

https://p.dw.com/p/Isr0
40 години откако човек стапна на месечинатаФотографија: AP

Се’ започна во 1957 година - со едно метално тело големо колку фудбалска топка, со антени како пајакови нозе. Тој фудбал беше сателитот „Спутник“, транспортиран од Советскиот Сојуз во орбита околу земјата, од каде испраќаше тонови за надмоќноста на комунистичкиот систем. Во 1961 година во вселената полета првиот човек - Јуриј Гагарин, Русин. Тоа не можеше да го остави рамнодушен американскиот претседател Џон Кенеди, кој уште истата година објави: „Верувам дека американската нација е во состојба уште пред крајот на оваа деценија да ја постигне целта, да испрати човек на месечината и безбедно да го врати на Земјата“.

Juri Gagarin
Јуриј ГагаринФотографија: AP

За да се оправда потфатот, меѓу другото, беше аргументирано дека Советите можеби вршеле тајни тестови на атомско оружје на невидливата страна на месечината. Подоцна се покажа дека блицовите од гама-зраци, откриени на небото, биле од природно потекло.

Колинс, Олдрин и Армстронг во вселената

Осум години по најавата од Кенеди, по огромни технички напори на речиси половина милион техничари, инженери и научници, на 16 јули 1969 година вселенскиот брод Аполо 11 тргна на пат кон месечината. Ракетата беше толку оддалечена од трибината со вчудовидените гледачи, што звукот стигнуваше до нив со задоцнување од 15 секунди. Огромната ракета „Сатурн“ ги однесе во вселената Мајкл Колинс, Едвин Олдрин и Нил Армстронг. Најладнокрвниот од нив, Армстронг, кој уште како дете постојано сонувал дека може да лебди, само ако го задржи вдишаниот воздух, имал летачка дозвола уште пред да добие возачка дозвола и повеќе пати „за влакно“ ја избегнал смртта.

40 Jahre Mondlandung
Кенеди го најави големиот потфатФотографија: AP

Мисијата на Аполо 11 успеа и Нил Армстронг на 20 јули го јави тоа од површината на месечината со легендарните зборови: „Мал чекор за еден човек, огромен скок за човештвото“.

Во борбата меѓу гигантите беа вкалкулирани човечки жртви

Flash-Galerie 40 Jahre Mondlandung
Астронаутите во вселенатаФотографија: AP

Тогашниот претседател Ричард Никсон им честита на астронаутите. Но, беше веќе подготвен и тажен говор во случај работата да тргне наопаку. А тоа, во секој случај, беше многу можно - самите астронаути ги оценуваа шансите за успех на мисијата со 30 до 50 проценти. Во борбата на гигантите беа вкалкулирани и човечки жртви. Американците веќе го доживеаја своето „Ватерло“ во јануари 1967, кога за време на вежба на земјината почва во пожар настрадаа Грисом, Вајт и Чефи во командната капсула на Аполо 1. Наредниот април и Советите доживеаја несреќа: не се отвори падобранот при слетување на капсулата Сојуз 7 и во неа загина космонаутот Владимир Комаров.

40 Jahre Mondlandung
Назад на земјатаФотографија: AP

Но, Советскиот Сојуз постигна и големи успеси: во септември 1968 сонда со биолошки товар, меѓу другото и две желки, ја обиколи месечината и успешно се врати на земјата. Тоа беше маркантен доказ за изводливоста на советска мисија на месечината, но кон крајот на истата година беше засенета од САД: со Аполо 8 тројца астронаути ја обиколија месечината, оттаму испратија спектакуларни фотографии од месечевиот хоризонт со нашава сина планета во заднината и се вратија на Земјата.

Борбата на системите, во која трката за освојување на месечината беше важен дел, ги исцрпе гигантите: советската империја се распадна, а САД се најдоа на работ на банкрот. Затоа, веројатно и во наредниот период ќе изостанат спектакуларни вселенски летови со човечки екипаж.

Автор: Матијас фон Шуленберг / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска