Борбата на Малала продолжува!
10 декември 2014Насловот е едноставен: „Јас сум Малала“. Поднасловот: „Девојчето кое талибанците сакаа да го убијат поради тоа што се бореше за правото на образование“. Неделава беше објавена биографијата на 16-годишната Малала Јузафшаи, точно една година откако во нејзината татковина, Пакистан, ја нападнаа талибанците и тешко ја ранија.
На 9. октомври 2012, Малала со другарките се враќала од училиште. Во својот роден крај, долината Сват, таа веќе беше позната, а на талибанците им беше трн в око. Бидејќи, како ќерка на учител, јавно се залагаше, и покрај забраната од талибанците, и девојчињата да одат на училиште. На тој ден, талибанците влегоа во училишниот автобус и прашаа: „Која е Малала?“ И пукаа во неа. Беше погодена во главата и изгледаше дека нема да преживее. По итната операција во Пакистан, беше префрлена во Велика Британија каде по повеќемесечната терапија се врати во живот. И денес живее таму со таткото и двајцата браќа.
Симбол на борбата за образование
Преку ноќ, Малала стана икона, симбол на борбата против злоупотребата на девојките и жените. Набрзо стана јасно дека талибанците не ја остварија својата цел да ја замолкнат. Таа и натаму бестрашно се јавува и тоа од далеку поголема сцена. Своето главно барање јасно го изнесува во својата биографија. „Сакам секој да знае: не сакам мене да ми се помага. Сакам да му се помага на она за што се залагам, мир и образование“.
За својот решителен ангажман, пакистанската девојка на Западот, освен Нобеловата награда, добива и бројни други пофалби и признанија. Меѓу другите и меѓународната Детска мировна награда, а Амнести Интернешнл ја именува за „Амбасадорка на совеста“. На својот 16. роденден во јули годинава говореше на Собранието на младите на ОН во Њујорк. Откако беше номинирана за годинешната Нобелова награда за мир, доби поддршка од сите страни.
„Доколку ја добие таа награда ќе биде како сите да сме ја добиле“, вели ученичката во шесто одделение, Гул Панра во долината Сват. Слично размислува и Фазал Калик, учител во поранешното училиште на Малала.
„Таа стори голема добрина за својата татковина. Порано долината Сват се поврзуваше само со тероризмот“, вели Калик.
„Проститутка на Западот!“
Но, Малала во Пакистан има и многу непријатели. „По атентатот и нејзиното заминување од земјата, а особено по нејзиниот говор пред ОН, тука против неа беше водена навистина валкана кампања“, раскажува Брита Петерсен. Таа е директор на канцеларијата на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Исламабад и ги следи реакциите во Пакистан на ангажманот на Малала.
„На таткото на Малала му се префрла дека ја злоупотребува својата ќерка. Него го нарекуваат 'макро’, а неа 'проститутка на Западот'“, вели Петерсен.
По објавувањето на книгата, Малала во интервју за БиБиСи повика на дијалог со талибанците: „тоа е најдобриот пат за решавање на проблемите и завршување на војната“. Освен тоа, таа изрази желба да се врати во Пакистан и политички да се активира во татковината. Брита Петерсен смета дека таа намера не е реална.
„Малала во моментов живее во Британија токму поради тоа што за неа овде е премногу опасно“. Изгледите дека Малала ќе го оствари својот сон и ќе добие можност да влијае врз иднината на Пакистан, според Петерсен, се многу мали.