1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за датум на самитот во Берлин

29 април 2019

Заев пред еден месец веќе побара од Меркел поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија, која треба да ја донесе Советот на ЕУ во јуни. Во Берлин тој ќе се сретне и со Макрон.

https://p.dw.com/p/3HbNG
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit der deutschen Kanzlerin Angela Merkel in Sofia
Властите во Скопје очекуваат преговори во јуни (фото: средба на македонската делегација со германската канцеларка Меркел на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија во мај 2018 година)Фотографија: Government Macedonia

Премиерот Зоран Заев денеска во Берлин ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел, во рамките на конференција за Западен Бакан, чии покровители се Франција и Германија. Средбата се смета за значајна, имајќи предвид дека Македонија е во очекување во јуни да ги почне преговорите со ЕУ по успешно решениот тридецениски спор за името со Грција. Неодамна, на 3-ти април, Заев имаше телефонски разговор со канцеларката Меркел, во кој, како што соопшти Владата, било потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Ципрас, како и заедничката владина седница, биле историски момент, и дека развојот на односите меѓу двете земји е позитивен пример за Западен Балкан и добра вест за Европа. Било речено дека спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува оти дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска полза за граѓаните. Во тој разговор, премиерот Заев од канцеларката Меркел побарал поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија која треба да ја донесе Советот на ЕУ во јуни. Притоа потсетил дека дека државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, и дека е време Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори, што ќе биде дополнително охрабрување земјата да продолжи со реформите.

Повеќе:

Самит во Берлин: Македонија се бори за јуни, Меркел и Макрон туркаат кон септември

Меркел и Макрон го открија Западен Балкан - принудно!

Што очекува Србија во Берлин?

Зелено светло за Скопје

Во пресрет на мини-самитот во Берлин и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, испрати порака дека Северна Македонија „јасно заслужи да добие зелено светло за отворање на пристапните преговори во најбрзиот можен термин - уште пред годинешната летна пауза“. Решавањето на спорот со Грција и постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија тој ги оцени како патоказни сигнали за целиот регион.

„Оваа земја веќе една деценија добива позитивна препорака од ЕК кога станува збор за отворање на преговорите за членство, но тоа не се случи поради спорот за името. Ако сега, по решавањето на тој триесетгодишен конфликт, и покрај постигнатите реформи земјата повторно биде разочарана, постои опасност од внатрешна дестабилизација со соодветните последици за регионот. Со други зборови, само со веродостојна политика ќе успее унапредувањето на процесот на реформи на Западен Балкан и зачувувањето на нашето влијание во регионот“, изјави Хан за агенцијата ДПА.

Westbalkan Gipfel in London Johannes Hahn
Eврокомесарот Јоханес Хан испрати порака дека Северна Македонија „јасно заслужи да добие зелено светло за отворање на пристапните преговори во најбрзиот можен термин - уште пред годинешната летна пауза“Фотографија: Imago/A. Parsons

Хан нема да присуствува на конференцијата во Берлин. Таму ќе биде високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Иако е извесно дека Северна Македонија ќе  биде истакната како позитивен пример во регионот заради решениот спор со Грција, сепак, се проценува дека главна тема ќе бидат Србија и Косово. На конференцијата, покрај македонскиот премиер ќе присуствуваат претседателите на Србија, Косово и Црна Гора - Александар Вучиќ, Хашим Тачи и Мило Ѓукановиќ, премиерите на Албанија, Словенија и Хрватска - Еди Рама, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ, и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.

Писмо со поддршка за Србија

Забелешки за овој состав на учесници има српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за тоа говореше во синоќешното гостување на ТВ „Пинк“.

„Немам ништо против Шарец, напротив. Но зошто Шарец, а не Данчила? Зошто Пленковиќ, а не Орбан? Зошто не Борисов? Не е повикан Милорад Додик, кој доби најголем број гласови на граѓаните на БиХ на минатите избори, туку Звиздиќ. Со тој избор, јасно е дека нашата делегација ќе биде единствена што ќе зборува против независноста на Косово“, изјави Вучиќ.

Притоа откри дека за српската држава се заложиле токму оние кои не се повикани во Берлин - премиерите на Грција, Романија и Бугарија, земји - членки на квадрилатералата со Србија.

Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Српскиот претседател Александар Вучиќ има забелешки на изборот на учесници на самитот во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/S. Lecocq

„Пријателите Ципрас, Данчила и Борисов испратија писмо до Mеркел и Макрон, во кое, секако, се заложија за стабилност на регионот, но посебно се заложија за побрзо пристапување на Србија во ЕУ. Јас им се заблагодарувам за тоа. Ова досега не ѝ беше познато на јавноста“, изјави Вучиќ.

Во пресрет на конференцијата во Берлин, институтот Европска инцијатива за стабилност (ESI), објави анализа во која се оценува дека „Eвропската унија би требало да ја затвори Пандорината кутија на разговори за повторно исцртување граници по должина на етничките линии. Истовремено, ЕУ треба да договори веродостојна стратегија како Србија, Косово и остатокот од Западен Балкан можат да непредуваат во интеграцијата“.

Во анализата има опсежни образложенија зошто се опасни идеите за размена на територии како решение за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, а на ЕУ и се препорачува да ги отфрли таквите идеи. Во текстот се наведува дека Вучиќ има една реторика за меѓународните соговорници и друга за домашната јавност, а ЕУ мора да го предупреди за војнохушкачки изјави на негови министри.