Берни Сандерс - победениот победник
11 мај 2016Сенаторот Берни Сандерс ќе ја загуби трката во номинацијата за претседателски кандидат, но сепак може да се чувствува како победник: тој значително влијае врз идната ориентација на својата партија и со тоа и на целокупната политика во САД.
Кога Сандерс лани ја објави својата кандидатура, се сметаше за политички куриозитет: независен сенатор од малиот Вермонт, кој самиот себе си се нарекуваше демократски социјалист. И тоа без оглед што терминот „социјалист“ во американската политика обично се смета за навреда.
Но, по првите предизбори во февруари, Сандерс се пројави како важен политички чинител. Тој победи во 19 сојузни држави и се наоѓа зад својата демократска противкандидатка и поранешна министерка за надворешни работи Хилари Клинтон.
Милиони ситни донации за Сандерс
Сенаторот поттикна движење на политички активизам, чии актери се првенствено млади луѓе и работничката класа. Од почетокот на неговата кампања, тој собра 182 милиони долари во форма на милиони ситни одделни донации.
Без оглед на неговите последни порази во четири држави во североистокот на САД, Сандерс најави натамошно останување во трката. Поттик му дава неочекуваната победа во Индијана. Сепак, неговите шанси за освојување на номинацијата се се‘ помали.
„До номинацијата води тесен и стрм пат“, вели Најл Срока, директор за комуникации на лоби-групата „Демократија за Америка“, која го поддржува Сандерс. Додека сенаторот воопшто не стои толку лошо во однос на бројот на нормални делегатски гласови во споредба со Клинтон, таа има зад себе многу повеќе т.н. суперделегати.
714-те суперделегати се актуелни или поранешни носители на функции и партиски „тешкаши“, кои смеат да гласаат независно од исходот на изјаснувањето во нивните сојузни држави. Ако се земат во предвид овие суперделегатски гласови, тогаш на Клинтон и‘ се потребни уште 155 гласови за да ја обезбеди номинацијата и во ноември да настапи против веројатниот кандидат на Републиканците, Доналд Трамп.
Голема предност за Клинтон
„Хилари Клинтон има огромна предност“, вели Џон Николс. Овој новинар, кој работи за магазинот „Нејшн“, веќе 25 години известува за Берни Сандерс. Магазинот се смета за прогресивен и го поддржува Сандерс во борбата за партиска номинација кај Демократите.
Според политичкиот аналитичар Николс, и покрај поразот, кандидатурата на Сандерс нема да остане без последици. Неговите поддржувачи се обидуваат да извршат што е можно поголем притисок за да изнудат преговори со Клинтон. Сандерс би можел да добие доволен број гласови за да издејствува борбено надгласување на партискиот конгрес и на тој начин да доведе до полево ориентирано поместување на партијата, прогнозира тој.
„Во некои од најинтересните надгласувања воопшто не стануваше збор за номинација“, истакнува Николс во разговор за Дојче веле. „Се водеа дебати околу дефинирањето, основите, вредностите и програмата на една политичка партија.“
„Тесно соработуваме со сенаторот Сандерс за да бидеме сигурни пред партискиот собир да собере колку што може повеќе делегатски гласови“, вели комуникологот Срока. „Преку тоа се надеваме тој да се здобие со силен и моќен глас на партискиот собир.“
Сандерс поентира преку популизам
Популистичките пораки на Сандерс уште сега доведоа Хилари Клинтон да направи свртување во лево на темите како трговија, минимална плата и социјално осигурување. Клинтон, во последното време како министер за надворешни работи, беше заговорник на Договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ, ТТИП. Но, Сандерс го оцрни, означувајќи го за опасност за работните места во САД. Во Меѓувреме, и Клинтон настапува како противник на ТТИП.
На темата укинување на минималната дневница постои еден вид огорчен спор, моментно таа изнесува 7,25 долари. Клинтон вети зголемување на 12 долари, на што Сандерс зголеми на - 15 долари. На рамниште на сојузните држави нешто веќе се придвижи: Њујорк и Калифорнија, две држави од „тешка категорија“ во американската економија, решија да ја зголемат сатнината чекор по чекор на 15 долари.
Николс е на мислење дека поддржувачите на Сандерс ќе се изборат некои негови пораки да бидат вградени во основните принципи на партијата и ќе изнудат дебата околу спорните теми како државното здравство и бесплатно студирање.
„Ако Хилари Клинтон го освои мнозинството делегатски гласови, нема целосно да ги прифати основните принципи на Сандерс“, вели Николс. „Но, ако сепак преземе некои аспекти, партијата ќе може посложно да застане зад Клинтон и на тој начин да ја направи посилна за изборите наесен.“