Белорусија ги затвора границите кон Литванија и Полска
18 септември 2020Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, објави дека ќе ја затвори границата со Полска и со Литванија и оти ќе ја стави војската во состојба на готовност.
Лукашенко, кој се наоѓа под притисок поради масовните шестнеделни протести чии учесници бараат негова оставка, изјави дека Белорусија е приморана и да ги засили контролите на границата со Украина.
„Принудени сме да ги повлечеме војниците од улица, да ја ставиме војската во состојба на готовност и да ја затвориме државната граница кон запад, пред сѐ со Литванија и со Полска“, изјави Лукашенко.
Тој додаде дека „не сака неговата земја да биде во војна“ и оти не сака Белорусија, Полска и Литванија да се „претворат во театар на воени операции“. „Затоа денеска сакам да апелирам до народот во Литванија, Полска и во Украина. Запрете ги своите луди политичари, не дозволувајте да избие војна.“
Тој не ја спомена соседна Летонија, која е членка на НАТО како Полска и Литванија.
Лукашенко под притисок
Белорусија е погодена со политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога ширум земјата почнаа масовни протести, иницирани од официјалните резултати од гласањето според кои Лукашенко освои над 80 отсто од гласовите.Властите во Белорусија настојуваа да ги задушат протестите со апсења и со репресија.
Повеќе:
-Стотици уапсени на новиот масовен протест во Минск
-На опозицијата во Белорусија и треба план
-Белоруси во егзил: „Политички нема веќе назад“
Првите денови од протестите полицијата масовно се пресметуваше со демонстрантите, уапси над 7.000 луѓе и истепа стотици. Власта потоа се насочи кон селективни апсења на опозициските активисти и демонстранти. Лукашенко (66) во Белорусија владее со цврста рака од јули 1994 година со репресија над опозицијата.
Во меѓувреме Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) најавави дека ќе формира комисија од експерти за испитување на можни изборни измами и кршење на човековите права во Белорусија. Иницијативата потекнува од 17 држави, вклучително и Франција и САД.
Осуда за исклучување на интернетот
САД, Германија и уште 27 земји ги осудија, во објавеното заедничко соопштение, наводните исклучувања на интернет кои ги спроведе белоруската влада по претседателските избори во земјата.
„Исклучувањата и блокирањето или филтрирањето на услугите е неоправдано ограничување на правата за мирно собирање и слободата на здружување и изразување, особено кога им недостасува процедурална правичност и транспарентност“, се наведува во соопштението од Стејт департментот, пренесува агенцијата Ројтерс.