1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград - Приштина: решението е „некаде во средината“

Марина Максимовиќ
25 јуни 2018

Последната рунда на дијалогот Белград-Приштина беше во знак на зборот „компромис“. Иако и Александар Вучиќ и Хашим Тачи го споменуваа повеќепати, ниеден од нив не објаснува што конкретно се подразбира под тоа.

https://p.dw.com/p/30DIF
Kombo-Bild Kosovo Hashim Thaci und Serbien Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/AA/EU Council

И српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот, Хашим Тачи, се согласни во едно: компромисот е битен за да се дојде до решение во нормализацијата на односите на Србите и Албанците и напредок на внатрешен и надворешен план и во Белград и во Приштина.

„Разговаравме како да се постигне рамка за договор за нормализација на односите и помирување на двата народи, спогодба која би била прифатлива и за народот на Косово и во Србија, за тие да гледаат кон својата иднина во ЕУ“, порача косовскиот претседател Хашим Тачи, кој е убеден дека во моментов постои добар изглед за тоа.

„Мораме да најдеме рационално решение кое е некаде во средината и кое им одговара и на граѓаните на Србија и на другата страна“, порача Вучиќ. Тој не знае дали е можен компромис меѓу Србите и Албанците и барем во овој момент уште не го гледа. Кога ќе го види, ќе се обрати до нацијата.

Treffen von Präsident Hashim Thaci Kosovo und Präsident Aleksandar Vučić Serbien in Brüssel
Хашим Тачи, Федерика Могерини и Александар ВучиќФотографија: European Commission

Како секој да добие нешто, а никој - сѐ?

Ни посредникот во дијалогот, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, не беше многу поконкретна. Таа соопшти дека разговорите биле интензивни и продуктивни и тие ќе продолжат уште позасилено.

Дека разговорите биле и компликувани и тешки, можеше да се заклучи од позициите со кои се стигна во Брисел. Хашим Тачи во разговор за Дојче веле прецизираше дека платформата на косовската страна во дијалогот со Белград не се заснова ни на „поделба, ни на размена на територии“, туку на „признавање на независноста на Косово со обезбедување полно почитување на правата на Србите на Косово според највисоки ЕУ стандарди.“

„Ако сакате компромис, ние сме спремни. Ако некој инсистира Србија да ја прифати еднострано прогласената независност на Косово, тогаш не треба ни да губиме време околу сето тоа“, одговори српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Додека Дачиќ наведува дека Србија нема да прифати никаков ултиматум, претседателот Вучиќ истакнува дека компромисното решение е значајно за Србија, зашто „она што ние бараме и за што се бориме е да добиеме нешто, а не ништо“. Тој додава дека за постигнување било каков компромис, неопходно е вклучување и на големите сили. Вучиќ пред состанокот споменуваше „заинтересираност“ на Москва за финализација на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина. Хашим Тачи пак продолжува да го „поздравува“ придонесот и поддршката на САД во дијалогот. ЕУ од своја страна нагласува дека таа била и останува единствен посредник во дијалогот, но и дека ќе почитува сѐ околу што ќе се договорат двете страни.

Повеќе: 

Дијалогот на Србија и Косово пред пресвртница

Србија и Косово - четири сценарија за расплет

Вучиќ ќе мора да ја „голтне жабата“ за Косово

Алтернатива на договорот е - изолација

По состанокот на Вучиќ, Тачи и Могерини во Брисел, извесно е дека сега, можеби порвпат, е длабоко загазено во нова фаза на разговори за конечно решение за сѐопфатна нормализација на односите на Србија и Косово. Сите страни најавуваат интензивирање на работата во идните недели, во изјавите нема навратувања на неприменетите одредби од Бриселскиот договор.

Ако не дојде до „непредвидливи околности“, какви имаше порано, би требало да се очекуваат почести средби пред камери, но и зад нив. Целта би требало да биде согледување на меѓусебните позиции и приоритети, наоѓање евентуален пресек и кристализација на решение кое би било прифатливо или барем најмалку неприфатливо за сите.

И Белград и Приштина на своите граѓани овојпат јасно им ставија до знаење дека со договорот двете страни можат да добијат, а без договорот многу да загубат и да останат на изолираниот колосек на Европа.