1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Франција: коалицијата на Макрон во тесно водство

ЖА / агенции
13 јуни 2022

По првиот круг од парламентарните избори во Франција, коалицијата на претседателот Макрон е во тесна трка со новиот лев блок Нупес. Емануел Макрон се соочува со губење на апсолутното мнозинство во Националното собрание.

https://p.dw.com/p/4Cbci
Frankreich Parlamentswahl | Emmauel Macron
Фотографија: Johan Ben Azzouz/MAXPPP/dpa/picture alliance

Кратко по неговиот реизбор, францускиот претседател Емануел Макрон е соочен со можност идната констелација на политичките сили во Националното собрание да му го отежне владеењето. По првиот круг од парламентарните избори, лево-зелената алијанса Нупес на  Жан-Лук Меланшон  има речиси исто толку гласови (25,7 проценти), колку и коалицијата на претседателот (25,8 проценти).

Разликата, според официјалните информации, изнесува само 21.442 гласови при вкупен број од околу 48,7 милиони гласачи.

Меѓутоа, комплицираниот француски изборен систем води до делумно големи разлики меѓу процентуалниот удел и распределбата на местата во парламентот, зашто, на крајот важат само гласовите за победникот во секој изборен круг. Институтите за испитување на јавното мислење сметаат со можноста во вториот круг на изборите идната недела, коалицијата на Макрон да собере многу гласови од избирачите чии претпочитани кандидати не го поминаа првиот изборен круг.

На тој начин таборот на  Макрон  би освоил од 255 до 295 од вкупно 577 места во парламентот, при што за апсолутно мнозинство се потребни 289 седишта. За левичарската алијанса Нупес, без оглед на поволниот исход, се прогнозора да освои само 150 до 210 места. Евентуалната загуба на апсолутното мнозинство ќе го принуди  Макрон на влегување во голем број компромиси, посебно кај планираната реформа на пензискиот систем - тој планира постепено зголемување на возраста за одење во пензија од 62 на 65 години, додека левичарот Меланшон вети дека ќе ја намали на 60 години.

Frankreich | Wahlen 2022 | Parlament | Jean-Luc Melenchon
Жан-Лук Меланшон е оптимист по првиот изборен круг Фотографија: CHRISTOPHE SIMON/AFP

Од овие причини Меланшон изборниот резултат го гледа како јасен пораз на својот конкурент Макрон: „Вистината е дека партијата на претседателот во првиот изборен круг е поразена“, изјави Меланшон синоќа во Париз.

Партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2% гласови. Ле Пен изрази оптимизам дека ќе може да има своја пратеничка група во парламентот, за што се потребни 15 мандати, а според сегашните прогнози, таа би освоила 10 до 30 места.

Новоименувата премиерка на Франција, Елизабет Борн повика на „недела на мобилизација“ пред вториот изборен круг, таа и другите 14 министри мора да ги задржат местата во парламентот за да останат на функциите.

Дали повикот за мобилизација ќе наиде на одек кај Французите, е неизвесно – во неделата многумина покажаа дезинтерес и излезноста достигна нов неславен рекорд од 47 проценти.