1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

GM Obama

4 јуни 2009

Некогаш најголемиот светски производител на автомобили „Џенерал моторс“ од понеделникот е во стечај. САД веќе дадоа дваесет милијарди долари за да го одржат претпријатието во живот. Но, дали ЏМ ќе преживее?

https://p.dw.com/p/I2tX
„Џенерал моторс“ го заслужи банкротот, смета ЗинаФотографија: dpa

„Џенерал моторс“ и Авганистан имаат нешто заедничко - станува збор за безнадежни случаи, што на Обама ќе му донесат големи политички тешкотии. И во двата случаја Обама нема избор. Тој мора активно да се вмеша. Чисто економски погледнато, „Џенерал моторс“ не заслужи ништо повеќе од банкрот: претпријатие што постојано напросто согорува милијарди, чиј менаџер нема ни трошка визија за модели, и чиј синдикат со години се бори постарите вработени да добиваат „Вијагра“ на сметка на компанијата. Сепак, Обама не можеше со скрстени раце да гледа како „ЏМ“ се самоуништува, бидејќи „ЏМ“ се’ уште е Америка. И тоа не само ламаринена каросерија на Америка, туку нејзина срж. „Think big“, размислување под белег на автомобили со големи димензии, гигантски бројки на коњски сили, цилиндри на моторот и багажници, е израз на долгогодишниот менталитет на угодно возење по атрактивни автопати и на чувството „ние сме големи, светот ни припаѓа нам“. Токму „ЏМ“ беше компанијата што уште пред шеесет години овозможи купување автомобил на кредит, и тоа со кредитна картичка. „ЏМ“ е компанијата што пред децении во некои градови систематски ги откупуваше градските метроа и автобуси, со цел да го наметне индивидуалниот превоз на граѓаните. Да се допушти ова пра-американско претпријатие едноставно да пропадне, би било еднакво на предавство на децениски практикуваниот американски идентитет. Ниеден американски претседател, а посебно не Обама, кој настојува на блискост со работниците, не може да си дозволи едно такво предавство.

Грешките не се компензираат преку ноќ

Обама го направи единственото, што беше политички исправно: го национализира концернот, го намали на минимум, како „ЏМ“ речиси и да не постои. Од некогашните четиристотини илјади вработени, во Северна Америка останаа уште четириесет илјади. Американскиот претседател и неговиот авто-тим се надеваат дека во иднина по улиците ќе зујат мали автомобили на електричен погон, произведени од „ЏМ“. Продажбата на државните акции на „ЏМ“, чија вредност во меѓувреме енормно ќе се зголеми, ќе ја спаси владата од банкрот. Но, овие надежи се само сонување со отворени очи. „ЏМ“ не може преку ноќ да ги компензира пропустите што со години ги правеше во однос на политиката на модели на автомобили, дизајнот и квалитетот на завршната обработка. Дури и ако идното автомобилско џуџе од Детроит во најдобар кинески манир ги ископира сите компактни модели на „Опел“, на пазарот на економични автомобили на бензински погон ќе може да понуди помалку, отколку меѓународната конкуренцијата, која - згора на тоа - по отстапките од синдикатите изразени во милијарди, во самите САД се’ уште произведува значително поевтино. Не, диносаурусот „ЏМ“ нема „здраво да се намали“, туку ќе умре на државниот оддел за интензивна нега. И во најлош случај, под себе ќе го потисне и претседателот Обама.

Kalenderblatt Route 66
Познатата американска Рута 66Фотографија: picture-alliance/maxppp


Автор: Ралф Зина

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска