1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден не мрдна со прст за да и' помогне на Европа

Дијана Рошчиќ
8 февруари 2021

Ангела Меркел уште во 2017-та констатираше дека Европа мора да си ја земе судбината во свои раце. Ова особено важи во време на пандемија, без оглед што во САД сега претседател е Џо Бајден, коментира Дијана Рошчиќ.

https://p.dw.com/p/3p2TR
USA Washington | Pressekonferenz Joe Biden zum Coronavirus
Американскиот претседател Џо Бајден со својот план за борба против коронатаФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

САД во моментов имаат (премногу) вакцини. Од речиси 57,5 милиони доз, колку што им стојат на располагање, искористени се само околу 35 милиони (состојба од 3 февруари). Во САД се користат вакцините на американскиот производител Модерна, како и на Бионтек/Фајзер - вакцина која е плод на истражувачката работа на релативно младата германска компанија Бионтек од Мајнц и американскиот фармацевтски концерн Фајзер. Овие вакцини засега се произведуваат во три големи фабрики во САД и во една фабрика во Белгија.

Велика Британија, која пред повеќе од еден месец го заокружи Брегзит со економскиот договор, исто така со полна пареа го вакцинира своето население. И таму нема збор за недостаток на вакцини. АстраЗенека има две фабрики во Велика Британија, а вакцината на Бионтек/Фајзер ја увезуваат од Белгија.

Недостаток на вакцини во ЕУ уште најмалку два месеца

Германија и цела Европска Унија, кои се соочуваат со недостаток на вакцини, сето ова го посматраат со чудење. „Што се случи кај нас?" - се прашуваат граѓаните, медиумите и добар дел политичари. Незадоволството расте поради се' полошите вести од последниве недели, пред се' заради не многу уверливите причини на фармацевтските компании поради кои доцнат со испораките.

Kommentarbild Dijana Roscic
Дијана РошчиќФотографија: Privat

Вака веќе не може! За да се разјаснизошто нема вакцини свикан е таканаречен самит за вакцини - онлајн дебата со претставници на фармацевтската индустрија, Европската комисија, германската влада и покраините.

Сега сè ни е јасно. Вака погледнато самитот беше успешен. Бидејќи сега знаеме дека во Германија и ЕУ најмалку уште два месеца нема да има доволно вакцини. Сега веќе не помага ни да платите повеќе, изјави канцеларката која вакцинацијата ја зема „под свое“.

Но Ангела Меркел додаде уште нешто: „Мора да видите дека САД имаат ситуација со својот воен закон, па речиси и не извезуваат во трети земји. Европа е упатена само на своите фабрики за вакцини, кои за среќа ги имаме. Навистина треба да сме среќни за тоа. Но Европа нема безброј такви фабрики“, нагласи Меркел.

Со други зборови, Германија и ЕУ за своите сојузници и пријатели се треторазредни партнери. И во овие тешки времиња се препуштени сами на својата судбина. Отрезнувачки факт. Зачудува што ова не наиде на посилен одек во медиумите.

Америка пред сè, важи и натаму

Да беше Доналд Трамп се' уште претседател, ова ќе можеше полесно да се поднесе. Но Џо Бајден, кој Европа го очекуваше со нетрпение, не мрдна со прст за да ни помогне. Бајден сака во првите 100 дена на власт да вакцинира 100 милиони Американци, поради што ја продолжува забраната за извоз на вакцини. Значи и натаму важи премисата - America first! (Америка пред сè).

Оттука и за Америка со Бајден и натаму е важечко предупредувањето на Ангела Меркел од мај 2017., по првиот самит на Г7 со Доналд Трамп на Сицилија, кога изјави:

„Одамна поминаа времињата кога можевме целосно да се потпреме на други. Ние, Европејците, мораме да си ја земеме сопствената судбина во свои раце."

Ништо нема да биде исто

Четири долги години поголемиот дел од Европа се мачеше со Доналд Трамп и се надеваше дека Британците можеби сепак не мислеа сериозно да ја напуштат ЕУ. Но сега, по овие турбулентни недели, следи грубо отрезнување - Британците навистина си заминаа, а под Џо Бајден работите нема автоматски да се вратат како што некогаш биле.

Кога Европа ќе стане свесна за ова, работите може да одат само на подобро. Тоа веќе се наѕира. Модерна започнува со производство на вакцини во Шпанија. Нова фабрика на Бионтек и Фајзер во Марбург треба да почне со работа кон крајот на февруари. Санофи во Франција и Бајер во Леверкузен исто така почнуваат со производство на вакцини - не за неколку дена и не вакцина која сами ја развиле, но ќе ја прават за цела Европа и нејзините партнери во светот.