1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барање за заострени санкции против Зимбабве

1 јули 2008

Западните земји бараат промена на власта во Зимбабве. Не стивнуваат ниту размислувањата за воведување заострени санкции против оваа африканска земја.

https://p.dw.com/p/ETwX
Изборите во Зимбабве предизвикаа меѓународни реакцииФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Британскиот премиер Гордон Браун апелираше до Африканската Унија, да побара промена на власта во Зимбабве. Тој се надева дека на самитот кој се одржува во Египет сепак, јасно ќе се покаже итната потреба за смена на моќта во земјата. „Се надевам дека Африканската Унија заедно со Обединетите нации јасно ќе му кажат на господинот Мугабе дека работите мора да се променат, дека на власт треба да застане нова влада и кога демократијата повторно ќе заживее во Зимбабве, ние ќе може да му помогнеме на народот таму“, рече Браун.

Во меѓувреме западните земји во ОН не се откажуваат од барањето за заострени санкции против Зимбабве. Во предлог резолуцијата којашто до Советот за безбедност ја поднесе САД, се бара да се воведе ембарго за трговија со оружје и замрзнување на имотите на одредени поединци и компании кои помагале во „уривањето на демократскиот процес“ или поддржувале политички мотивирано насилство. Поради нерегуларните избори, во текстот уште стои дека Советот за безбедност на ОН не може да го прифати повторниот избор на претседателот Роберт Мугабе.

Можни се санкции и од страна на ЕУ

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер вчера изјави дека не се исклучуваат ниту санкции од ЕУ. „Можно е наскоро и ЕУ да ги следи ваквите чекори, бидејќи мора да размислиме за мерки со кои ќе се зголеми притисокот врз Зимбабве. Се друго би било неодговорно“.

Италија веќе го презема првиот чекор. Го повика на консултации својот амбасадор од Хараре. Шефот на италијанската дипломатија Франко Фратини побара и останатите членки на ЕУ да ги повлечат своите амбасадори од Зимбабве, како „политички сигнал“.