1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баку: Со песна до поголема демократија

Александар Методијев/афп/дв26 мај 2012

Денеска се одржува финалето на Евровизија во Баку. Овојпат натпреварувањето има и политичка димензија. Човековите права во Азербејџан се почитуваат се’ помалку. Луѓето ја користат Евровизијата за да излезат на протести.

https://p.dw.com/p/151UB
Фотографија: EBU

Азербејџан ги завршува последните подготовки за спектакуларното финале на Евровизија, но забавата ја засенува приведувањето на бројни активисти за човекови права и критичари на власта.

Евровизија е најголемиот настан што го организира државата богата со природни ресурси, која излегува на Каспиското Море. Азербејџан сака во полн сјај да се претстави пред светот, кој пак изразува загриженост за човековите права под власта на династијата Алијев.

Baku Aserbaidschan
Евровизиско финале - беше испишано на облакодерите во БакуФотографија: picture-alliance/dpa

Во финалето на Евровизија учествуваат 26 земји, меѓу кои и Македонија со Калиопи како 22-ра по ред. Се очекува преносот од Кристалната сала во Баку да го гледаат околу 100 милиони гледачи. За фаворити важат 28-годишната Швеѓанка Лорен, како и руските Бурановски бабушки.

Возбудата во градот ја поткреваат електронските билборди, кои ги одбројуваат часовите до финалето. Вчера вечер пораката „Евровизиско финале 2012-та“ светеше од фасадите на облакодерите на ридот над пристаништето.

Евровизија за привлекување внимание

Но, таквата весела атмосфера ја замрачуваат апсењата на опозициски активисти, кои на мирни протести побараа фер избори и слобода на здружување. Опозицискиот сојуз во Азербејџан преку Фејсбук објави дека вчера се „уапсени повеќе од 60 демонстранти“, а „околу 10 демонстранти се повредени“, кога полицијата во цивилна облека ги туркање во комбиња и автобуси.

Активистите се сретнаа и со претставничката на Шведска, но Лорен одби да ги коментира за нејзиниот поглед на состојбата со човековите права во Азербејџан, кога беше прашана на прес-конференцијата по втората полуфинална вечер.

Proteste Opposition Baku
На последните протести се приведени повеќе од 60 демонстрантиФотографија: picture alliance / dpa

Активистите за човекови права организираа повеќе протести за време на Евровизијата, за да привлечат внимание на, како што велат, маките на политичките затвореници и на недостатокот од слобода и демократија во Азербејџан. Земјата ја управува претседателот Илхам Алијев, кој го наследи својот починат татко Хејдар Алијев во 2003-та година.

А, годинашната организацијата на Евровизија е на некој начин проект на Алијев, чија сопруга Мехрибан Алијева е шеф на организацискиот комитет, а неговиот зет Емин Агаларов, бизнисмен во Москва кој пее од хоби, ќе настапи на паузата на евровизиското финале. Независната новинарка Кадија Исмаилова овој месец објави дека градежната компанија што ја градела Кристалната сала била поврзана со семејството Алијев.

Модерна држава со авторитарна власт

Baku Tagebuch
Во Баку се истакнати и билборди со фотографии на Хејдар Алијев, таткото на сегашниот претседател на Азербејџан, кој почина во 2003-та годинаФотографија: DW

Како модерна и отворена сака да се покаже јужно-кавкаската земја богата со природни ресурси. Музичкиот натпревар е успех, кој е многу значаен за авторитарното раководство во Азербејџан. Критиката на политичката состојба во земјата таму не е посакувана. Но, таа сепак постои.Опозиционерите продолжуваат со обидите да протестираат во Баку. „Слобода! Слобода!“ викаа тие и се повлекоа по инервенција на полицијата.

Демонстрацијата не е одобрена. Навистина овие митинзи ретко добиваат дозволи за организирање. Кој критикува - може да заврши во затвор. Музичарот Џамал Али го искуси тоа на своја кожа. На демонстрацијата во март тој ја критикуваше фамилијата на Претседателот. Потоа, тој мина десет дена во притвор.

„На патот кон затворот сите ние бевме тепани. Во затворот имаше специјално сослушување со тепање. Двапати ме извадија од келија и се обидоа да ме натераат да сфатам дека нема корист да се прави вакво нешто во земјава. Ми рекоа: ќе направиме се’ за да те запреме“, изјави музичарот Џамал Али.

Новинари во затвор

Полицајците со часови го тепале по табаните, објаснува Џамал Али. Тој потоа тешко можел да се движи. Во меѓу време, тој го напуштил Баку и одлетал кон Германија.

Demo gegen Eurovision in Baku
Во земјата нема независни медиуми, новинарите завршуваат во затвор, а опозицијата објавува прогласи на ФејсбукФотографија: Reuters

А, борците за човекови права, како Расул Јафаров, спротивно на тоа - сакаат да останат. Тие стартуваа кампања наречена „Пеење за демократија“. Активистите сакаат да ја искористат Евровизијата за да привлечат внимание на кршењето на човековите права во Азербејџан.

„Новинарите се’ уште се во затвор. Нема независни телевизиски или радио станици. Дури и активистите за човекови права се под притисок“, вели Расул Јафаров, борец за човекови права.