1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африм Гаши: Не сакаме веќе видени игри

25 август 2017

Предлог-законот на Владата за употреба на јазиците е направен само заради дневно-политичка корист и нема да го реши проблемот туку само ќе го пролонгира, вели во интервју за ДВ, Африм Гаши од Движењето БЕСА.

https://p.dw.com/p/2ioCh
Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Фотографија: Katerina Blazevska

Предлог-законот за употреба на јазиците до крајот на август или почетокот на септември ќе биде доставен во парламентот, и по 16 години со него се очекува да се затвори и последното отворено прашање од Рамковниот договор. Вицепрeмиерот за европски прашања, Бујар Османи, најави дека за донесување на овој предлог-закон ќе побара поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, се чини дека таа адреса нема да биде единствената од која ќе треба да се бара поддршка. Додека македонската опозиција критикува дека тој е противуставен и води кон федерализација, забелешки стигнуваат и од Движењето БЕСА. Пратеникот Африм Гаши вели дека овој предлог-закон не го решава проблемот.

ДВ: Кои се причините поради кои БЕСА се уште не одлучила дали ќе даде поддршка на владиниот предлог- закон за употреба на јазиците?

Африм Гаши: Предлог-законот на Владата е тесно поврзан со законското регулирање на официјализирање на албанскиот јазик во нашата држава. Овој закон е еден од клучните и најзначајните закони за кој се спори од самостојноста на Македонија, и беше главен дел на преговорите при донесувањето на Рамковниот договор. Според нас, усвојувањето на еден таков закон бара голема опфатеност на сите политички чинители во државата, но и чувствителност и умерена реакција од сите општествени фактори, а особено од партиите во опозиција. Мислиме дека државата треба да го сфати посериозно ова прашање и да не гледа на него само како на етнички проблем, туку како проблем кој би помогнал многу за внатрешна кохезија во државата.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Колку што е важен овој закон за Албанците, до толку повеќе е важен за иднината на државата, воопшто. Предлогот на Владата, кој јасно се гледа дека е направен само заради дневно-политичка корист, мислам дека нема да го реши овој проблем, туку само ќе го пролонгира. Oчекувавме дека овој закон конечно ќе се донесе со максимална консензуалност од сите страни, особено политички, па сметавме дека пред да биде предложен требаше да биде консултиран и со другите партии кои не се дел од власта. На ваков начин стравувам дека само го одложуваме решавањето на проблемот.

ДВ: Дали предлог-законот на Владата ги содржи и клучните предлози од предлог-законот кој паралелно го подготвува БЕСА?

Движењето БЕСА како најголема опозициска албанска партија во Македонија, ја разбира чувствителноста, и нејзиниот пристап ќе биде во таа насока. Во тек е анализа на предложениот закон од страна на Владата и се прави споредба со нашиот предлог, кој се подготвува подолго време. Штом власта и овој закон го третира како секој друг нормативен акт во државата, кога ќе дојде во собраниска процедура, Движењето БЕСА ќе го каже својот став, и истиот аргументирано ќе го образложи.

ДВ: Според вас, што во овој предлог буди сомнеж дека вистински ќе биде унапредена употребата на албанскиот јазик?

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Фотографија: Katerina Blazevska

 Во Рамковниот договор кој потоа се преточи во Устав, во амандманот 5, во членот 2, се вели: Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член". Во заедничката Декларација на политичките партии на Албанците се вели дека: Постигнување на целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека “македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“. Ставот на Движењето БЕСА е дека употребата на албанскиот јазик треба да се реши во согласност со Уставот и во согласност со заложбите на Албанците во Македонија - нивниот јазик кој што го зборуваат над 20 % од населението, да биде службен јазик во државата. Ако ова не се постигне со предложениот закон, во тој случај најмалку што можеме да направиме е да укажеме дека ниту тој не го решава проблемот, и истиот се остава за решавање за други времиња. Толкувањето на Уставот, според нас Албанците, е дека албанскиот јазик треба да биде официјален јазик на целата територија и притоа да не се третира како „јазик во службена употреба“, туку како „официјален јазик на целата територија на Р. Македонија“. Всушност за деталите од овие толкувања ќе бидете информирани кога овој предлог ќе влезе во собраниска процедура.

ДВ: Имавте забелешки што не сте го виделе владиниот предлог - закон претходно...

Во разговорите со комесарот Хан, ставот на БЕСА беше дека ние би сакале овој закон да се донесе консензуално со учество на поголемите политички актери. Бевме подготвени да бидеме дел од предлагачите на овој закон, зад кој потоа сите ќе застаневме, а во исто време ќе затворевме еден од најгорливите проблеми на Македонија. Но, за жал, власта се покажа себична и во ниеден момент не ни го достави да го разгледаме пред тој да се усвои на седница на Владата. СДСМ и ДУИ гледаат на овој закон како на постапка со која ќе придобијат на локални избори, а Движењето БЕСА на ова гледа како на суштински процес за иднината на државата и таков беше пристапот кој го имавме досега и кој ќе го имаме и понатаму. Жално е кога се гледа дека и новата власт не покажува никакви знаци за поинаков пристап кон есенцијалните проблеми во општеството, и особено во односите помеѓу заедниците како еден од најважните столбови на стабилноста на државата. Историски гледано, кога власта се однесувала на ваков начин, резултатот на крајот бил таков каков што го знаеме сите. Албанците и другите заедници очекуваа дека по сето тоа што се случи во Македонија, лекцијата е научена и дека пристапот ќе се менува. До денес, со жалење можеме да констатираме дека постапките на владата се само едно „дежа ву“.