1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африка добива брз интернет

22 јули 2009

Пет земји од југоистокот на Африка со помош на поморски интернет кабел ќе добијат брз интернет. Поморските кабли ќе овозможат да се заменат сателитските врски и сигурно да се пренесуваат податоци.

https://p.dw.com/p/Iv1w
Фотографија: AP

Поморскиот интернет кабел е дебел колку човечка рака, се состои од 8 слоеви и мора да биде отпорен на солената морска вода. Кабелот мора да е долготраен, бидејќи замената и поправката се скапи. И, мора одлично да ја заврши својата задача: брзо и сигурно да пренесува податоци од точката А до точката Б.

Во рамки на проектот „Сиком“ ваков кабел ќе биде поставен долж источноафриканскиот брег. Тој ќе биде долг речиси 14 илјади километри и ќе ги поврзува Европа и јужна Азија со земјите: Јужноафриканска Република, Мозамбик, Танзанија, Кенија и Мадагаскар. Досега овие земји беа поврзани на интернет преку сателит. Тоа ја правеше конекцијата скапа и бавна. Новиот поморски кабел, кој ќе почне да функционира од четврток, ќе направи цените да паднат за скоро една десетина и повеќекратно ќе ја зголеми брзината. Ова може да биде само од полза за економскиот развој на југоисточна Африка, вели Михаел Монерјан од Одборот за Африка на Здружението на германското стопанство: „Тешко е да се процени значењето на овој потфат, бидејќи досега во источна Афика имаше голем развој во полето на комуникацијата со мобилна телефонија, но областите на фиксната телефонија и интернетот преку фиксна телефонија се мошне слабо развиени и таму гледаме значаен пазарен потенцијал.“

Сателитот не овозможува брз и сигурен интернет

Новиот поморски интернет кабел и‘ припаѓа на најновата генерација на техника за пренос на интернет. Срцевината на кабелот се состои од стаклени влакна и овозможува брзина на пренос на податоци од 1,3 терабајти во секунда. Тоа теоретски овозможува повеќе од половина милион истовремени DSL конекции.

Infografik SEACOM - ein Kabel für Afrika Englisch
Поморскиот интернет кабел ќе ги поврзе Европа и јужна Азија со земјите од југоистокот на Африка

Или пресметано поинаку: повеќе од 20 милиони луѓе би можеле преку интернет истовремено да ја слушаат програмата на радио Дојче веле. Сателитот, кој досега и‘ овозможуваше интернет-врски на источна Африка, не е најпогоден за пренос на податоци преку интернет, вели Франк Орловски од компанијата Де –Цикс, која управува со најголемиот германски интернет-центар во Франкфурт: „Поморските кабли овозможуваат да се заменат сателитските врски во регионите, кои досега се’ уште немаа брз пристап до интернет. Интернетот е мошне интерактивен медиум, што значи дека сателитот не е соодветен за интерактивен пренос на податоци. Затоа секогаш со интересирање ги примаме информациите кога се пушта во погон нов систем со поморски кабли."

Новиот интернет кабел ќе донесе подобрување и за компаниите и организациите кои соработуваат со Јужноафриканската Република, Мозамбик, Танзанија, Кенија и Мадагаскар, оти досега интернетот и фиксната телефонија во овие земји беа мошне слаби и комуникацијата главно се одвива преку мобилните телефони. Михаел Монерјан известува дека досега мејловите често пати не пристигнувале и дека сигурна комуникација е обезбедена само преку мобилната телефонија. Ова ќе биде минато, кога дигиталниот јаз меѓу Источна Африка и остатокот на светот ќе стане помал.

Автор: Константин Цуравски / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска