Претставник на ЕМА: Поврзаност на АстраЗенека и тромбозите
6 април 2021Дали постои каузална поврзаност помеѓу вакцинирањето против коронавирус со британско-шведската вакцина АстраЗенека и згрутчувањето на крвта кај дел од вакцинираните лица? Марко Кавалери, шеф на одделот на ЕМА за вакцини, во интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“ изјави дека според негово мислење, „во меѓувреме може да се каже дека е јасно оти постои поврзаност со вакцината“.
Повеќе земји ја ограничија примената на вакцината откако се појавија случаи на тромбози во мозочни вени кај лица кои добиле доза на АстраЗенека. Згрутчувањето на крвта кај дел од вакцинираните доведе и до смрт. Во Германија, во знак на претпазливост, од минатата среда вакцината по правило им се дава само на луѓе кои се постари од 60 години. Други земји, како Данска и Норвешка, сосема запреа со вакцинирање со АстраЗенека.
На кој начин вакцината доведува до згрутчување на крвта кај многу мал број случаи сѐ уште не е јасно, вели Кавалери. „Се обидуваме да создадеме точна слика за тоа што се случува“, изјави тој. ЕМА сака „прецизно да го дефинира овој синдром предизвикан од вакцината“. Кај помлади луѓе кои добиле вакцина АстраЗенека има извесен број случаи на мозочни тромбози кој е повисок „од она што би го очекувале“, нагласува Кавалери.
Повеќе:
АстраЗенека: Спротиставени пораки од Холандија и од Велика Британија
Анкета: Само 50% од граѓаните сакаат да се вакцинираат
Илјада причини „за“ и „против“ АстраЗенека
Ковид-вакцини: Јојо со АстраЗенека и некои позитивни новости
ЕМА досега постојано ја препорачуваше вакцината на АстраЗенека како безбедна и нагласуваше дека ползата од вакцината е значително поголема од можните негативни последици.
Британската агенција за лекови МХРА во саботата соопшти дека по повеќе од 18 милиони вакцинирани луѓе со АстраЗенека, досега имало само 30 случаи на тромбоза. Седуммина од погодените починале.