1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еквадор му го одзеде државјанството на Асанж

Јенс Јенсен
28 јули 2021

Еквадор долго време му нудеше заштита на Џулијан Асанж во својата амбасада во Лондон. Сега сосема го менува својот однос кон свиркачот.

https://p.dw.com/p/3yApU
Free Julian Assange Banner Proteste
Фотографија: Artur Widak/NurPhoto/picture alliance

Суд во Еквадор му го одзеде државјанството на таа земја на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.Судиите во главниот град Кито оценија дека при доделувањето на државјанството на Асанж, кој инаку е Австралиец по потекло, биле направени административни грешки. Адвокатот на Асанж, Карлос Поведа, најави дека ќе вложи жалба на одлуката на судот.

Асанж во моментов е во лондонскиот затвор Белмарш, каде ја чека одлуката по едно барање од САД за негова испорака. САД го обвинуваат дека заедно со свиркачот Челзи Менинг украл таен материјал од американските воени бази во Ирак и Авганистан и го објавил на платформата Викиликс. Со тоа, како што се вели од Вашингтон, тој го довел во опасност животот на информанти во многу земји во светот. Во случај да биде осуден во САД, на Асанж му се заканува долгогодишен затвор.

Julian Assange
Асанж на прозорец на еквадорската амбасада во Лондон, 5.02.2016 годинаФотографија: Kirsty Wigglesworth/AP/picture alliance

Асанж побегна во еквадорската амбасада во Лондон во 2012 година со цел да избегне испорака.Тој таму доби азил, а во 2017 година и еквадорско државјанство. Владата на јужноамериканската земја тогаш планираше да му додели дипломатски статус на Асанж за да може безбедно да го изнесе од зградата на амбасадата. Подоцна, меѓутоа, дојде до тензии помеѓу официјален Кито и Асанж. Еквадорската влада во 2019 година му го одзеде азилот на Асанж и тој беше уапсен од страна на британската полиција поради тоа што, како што се вели, ги прекршил условите на судската гаранција, кога во 2012 година се сокрил во амбасадата.

Борци за човекови права сметаат дека судскиот процес против Асанж, исто како и затворските услови, претставуваат елементарно кршење на човековите права. Тие на судските постапки против него гледаат како на обид за замолчување на свиркачите кои на виделина изнесуваат непријатни вистини. Промената на ставот на Еквадор во врска со Асанж, според набљудувачите, се должи на надворешнополитички притисок од страна на САД.