1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анѓушев за ДВ: Инвестицијата на „Гересхајмер“ е реалност!

Костадин Делимитов
2 март 2019

Најавата за влез на германскиот гигант носи додадена вредност за економијата и можност за повисока цена на трудот. Македонската инвестициска приказна според вицепремиерот доби на цена и тоа мора да се капитализира!

https://p.dw.com/p/3EM0z
Koso Angjushev, Wirtschaftsminister der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/K. Delimitov

Инвестицискиот рекорд од 624 милиони евра во 2018 најмалку ќе се преслика во 2019 година. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев е оптимист дека по решавањето на клучните проблеми, посебно оној со Договорот од Преспа, Македонија добива на дополнителна цена кај странските инвеститори. Во интервју за „Дојче веле", тој најавува нови фабрики кои според најавите, треба да донесат пософистицирани производи, додадена вредност но и подобри плати за вработените. 

ДВ: Господине Анѓушев, 624 милиони евра странски инвестиции во 2018 година. Рекордна бројка која одекна изненадувачки во јавноста. Очекувавте ли ваков резултат?

Анѓушев: Да, податоците што ги објави Народната банка за мене беа очекувани со оглед на состојбата на теренот. И покрај тоа што опозицијата се обидува да ја претстави ситуацијата како полоша и поинаква, таа е поинаква и гледате далеку подобра од порано. Само во рамки на година и половина донесени се 18 директни странски инвестиции кои се реалност и за кои што можеме да  зборуваме по сите основи. По датум, по име, по вредност. Најдобар дел од нив се веќе во градба и тие странски инвестиции веќе трошат пари кај нас. Годинава очекувам уште подобри бројки и секако тоа треба да се одрази на нивото на целата економија.

На што ги темелите овие очекувања, на најавите за можен влез на Фолксваген" или на некој друг гигант за кој се шпекулира дека ќе дојде во Македонија?  

Не, нема ништо од тоа дека Фолксваген ќе инвестира во Македонија и тие информации се шпекулација...

Тогаш која е таа, голема германска инвестиција. Онаа на Гересхајмер" која ја најави премиерот Заев?

Да и таа е веќе потврдена. И мислам и дека е уште подобра бидејќи е во делот на мехатроничкото производство. Станува збор за компанија во чии процеси работат исклучително високо квалификувани и квалитетни луѓе-инженери. Производството е мехатроничко, во смисла на тоа дека произведуваат роботи, високо автоматизирани машини. Тоа ќе биде фабрика со не многу вработени, некаде околу 300 до 400 луѓе, но со голема додадена вредност и со производи кои што имаат вредност. Тоа е она што нам ни е потребно во моментов во Македонија. Доволно вработувавме луѓе за 200 евра. Ако вработите 5 или 6 илјади луѓе за по 200 евра тие практично се само во чекалница и бараат можност да си го решат проблемот на друго место. 

Повеќе:

-Толксдорф за ДВ: Германските инвестиции во Македонија ќе растат

-Германски искуства и пари за посилна македонска економија

Значи, очекувате еден вид инвестициски бум?

Да, ние имаме четири фирми што веќе имаат одлучено да инвестираат и тие ќе ги објават своите одлуки. Но имаме и многу други фирми со кои што разговараме. Можам да кажам дека се уште десетина други кои се многу извесни како инвестиции. Што значи, доколку ги имате во предвид овие 18 кои што веќе се во фаза на подготовки и реализација на своите проекти, сегашните четири со потврдени одлуки и плус овие десетина, тогаш мислам дека до крајот на 2019 година ќе зборуваме за 30 странски инвеститори, односно 30 нови фабрики. Многу е важно што овие 18 компании кои ги донесовме како директни странски инвестиции веќе не се дел од трудоинтензивната дејност, туку повеќе се работни места за инженери, висококвалификуван кадар и се надеваме дека ќе имаат поголеми плати и ќе носат додадена вредност во економијата. 

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Кочо АнѓушевФотографија: DW/Petr Stojanovski

Велите висококвалификуван кадар. Но нели тој ни е слаба точка. Ќе можеме ли да го обезбедиме?

Тоа е предизвик на кој веќе работиме преку дуалното образование кое почна во два града, Кавадарци и Охрид. Но ние сакаме од септември овој процес да биде помасовен, бидејќи ни требаат луѓе кои ќе работат во тие фабрики. Тука имаме проблем од две причини. Прво, луѓето кои што се во Македонија без работа не се со квалификации потребни за реалната економија, а вториот проблем е што еден дел од младите си заминуваат. Како може да ги задржиме?. Или да ги преквалификуваме неквалификуваните и да најдат работа, или да се самовработат. Затоа во рамки на Министерството за труд и социјална политика направивме еден цел сет на мерки од околу 20 милиони кои се ориентирани исклучиво на тоа како луѓето да се преквалификуваат и вработат, или да се самовработат. Тоа е суштината на сите мерки. Од друга страна, вториот начин е да отворите квалитетни работни места за да можат луѓето да земаат повисоки плати.

На што се должи ваквиот тренд? Договорот од Преспа го даде клучниот импулс?

Да, Македонија со овие процеси доби на цена. Има добар рејтинг во светот и навистина е добра информација со решавањето на сите проблеми.  Значи имаме добар меѓународен рејтинг и сега ние треба тој рејтинг некако да го капитализираме. За бизнисд климата најважни се две работи, владеење на правото и да имате стабилна држава. Со влезот во НАТО мислам дека вториот критериум го обезбедуваме а додека владеењето на правото е нешто што треба да се случи со сите оние процеси на на реформи во правосудството. Тоа не е мој ресор, но дефинитивно дека треба да се случи.

Најавувате нови инвестиции, но од друга страна и ново зголемување на минималната плата. Има ли реално простор за такво нешто, ако се има предвид фактот дека дел од стопанствениците реагираат со негодување на ваквите најави?

Ние сите треба да бидеме свесни за ситуацијата. Без разлика дали Владата ќе донесе закон за повисока минимална плата, што веројатно и ќе го направи, платите ќе растат како резултат на реалната состојба на пазарот. Во ред е да се донесе ова и со тоа се покажува посветеноста на Владата дека сака да обезбеди подобар живот. Нашиот „таргет“ како Влада е 500 евра просечна плата до крајот на овој мандат и има објективни услови тоа да се достигне. Но тоа пред се би било како резултат на реалниот пазар на трудот, а тоа се содава од две причини. Прво, што се отвораат нови фабрики, но и со мерките преку Министерството за труд и социјала со кои лани се вработија осум илјади луѓе. Со постојните инвестиции, но и со новонајавените очекувам овој број да порасне, што значи дека невработеноста ќе се намали. Со тоа ќе се направи притисок на пазарот на трудот со што тоа ќе растат и платите. Тоа е неминовен процес и е добро да се случува. Од друга страна иселувањето на младите го прави тој дисбаланс на пазарот на труд. Тоа се реалните состојби и затоа е добро за граѓаните и за економијата што овие процеси се случуваат и ќе резултираат со позитивни движења.