1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антициганизмот, германските медиуми и азилантите од Балканот

Силвера Падори-Кленке11 јули 2014

Новата студија на Центарот за документација и култура на германските Синти и Роми констатира дека во германските медиуми е силно раширен антициганизмот. Авторот Маркус Енд за ДВ зборува и за „лажните азиланти“ од РМ.

https://p.dw.com/p/1CZfw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политикологот Маркус Енд анализирал различни извештаи (дневен печат, ТВ и радио емисии) и притоа констатирал дека антициганизмот во германските медиуми во најразлични форми е широко распространет. Се манифестира во отворени и лесно препознатливи форми (наслови од типот „Ромите се проблем“ или нивно експлицитно поврзување со зборовите 'проблем', 'смет', 'бучава', нехигиена', ’кражба'). Но тоа се прави и суптилно во текстови каде се провлекуваат меѓу редови формулации кои наведуваат на клишеата и дискриминацијата. Интересна е и констатцијата дека медиумскиот простор воопшто не е сензибилизиран за овој феномен. Честопати постоечките стереотипи се репродуцират несвесно и незлонамерно преку изборот и обработката на одредена тема, со пласирањето на фотографиите или подвлекувањето на одредени констатации во насловот или поднасловот на текстот. Токму затоа е значајно да има нестереотипно, кон малцинствата сензибилизирано информирање, кое истовремено е ослободено од дискриминација.

Романи Розе, претседавач на Централниот совет на германските Синти и Роми, истакнува дека има повеќе примери во кои медиумите репродуцираат навредливи „цигански клишеа“. Тој потсетува на случајот „Мариа“ од минатата година, кога русото девојче во ромското семејството во Грција предизвика вистинска хистерија со која паушално целата група Роми се оквалификува како „крадачи на деца“, што впрочем е проширена предрасуда во историјата на европската култура. Подеднакво распространето клише кое го пренесуваат германските медиуми е и криминализирањето на ромското малцинство. Овој печат особено се профилира последниве години со притисокот на т.н. миграција поради сиромаштија, при што не се води сметка дека сите што пристигнуваат во Германија ниту се екстремно сиромашни, ниту пак се Роми, наведувајќи дека од петмина доселеници од Југоисточна Европа, четворица се социјално згрижени, имаат работа и плаќаат регуларно данок на државата.

Добри и лоши баратели на азил

Во студијата која ја спроведе Маркус Енд се вели дека од 2011 година во германските медиуми е евидентно интензивирање на известувањето во кое ударни термини се „Ромите“ или „Синтите и Ромите“. Според авторот, ваквото известување се должи како на истражување на социјалните феномени за зголемената миграција од Романија и Бугарија која ја предозвика кризата, така и на се’ поголемиот број баратели на азил од Македонија и Србија. ДВ го праша Енд: колку во ваквите известувања се манифестирал и антициганизмот против Ромите од Македонија?

Antiziganismus in der deutschen Öffentlichkeit Romani Rose
Да се сопре со старите клишеа за Ромите во германскиот медиумски простор - Романи РозеФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Мој впечаток е дека дебатата за лажните азиланти многу силно се фокусираше кон Ромите. Резултат на ова беше радикализирање на целокупната дискусија за барателите на азил во Германија. Поконренто, во медиумите се прави разлика меѓу, да ги наречам „добрите“ бегалци и баратели на азил од Сирија, кои навистина се прогонети и „лошите“, оние кои не се прогонети, на пример од Македонија, за кои речиси исклучиво се говори дека се Роми. Ова е опасна ситуација, зашто колку што знам истовремено е заострена и состојбата за Ромите во Македонија. За да се намали притисокот од лажните баратели на азил, државата (Македонија, н.з.) направи измени во регулативата со која се санкционира заминувањето од земјата и злоупотребата на правото на азил во државите од ЕУ. Од друга страна, силно е заострена и контролата на границите кога станува збор за Ромите. Во извештаите на различни невладините организации се критикува практиката која се применува во Македонија и Србија. Едновремено и западноевропските земји и германската страна критикуваат дека со тоа се прави притисок врз луѓето“, образложува за ДВ Маркус Енд.

Се повторуваат старите клишеа

Поради т.н. лажни азиланти Унијата лани усвои заштитен механизам кој може да се активира во секој момент и со кој привремено може да се суспендира слободниот безвизен режим кој го уживаат граѓаните на земјите од Западен Балкан. Затоа Македонија и Србија инсистираа нивните земји во Германија да го добијат статусот на трети земји со безбедно потекло, со што се подвлекува дека кај нив нема прогонување и се дозволува барателите на азил во најкус рок и со минимални формалности да биде одбиен и вратен во земјата. Колку ваквата реалност е дел од клишеата кои им се префрлуваат на германските медиуми?

Antiziganismus in der deutschen Öffentlichkeit Markus End
Дебатата за лажните азиланти се фокусираше на Ромите - Маркус ЕндФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Идејата е дека тие тука доаѓааат за да живеат на наша сметка. Ова е многу стар стереотип кој се врзува со причините за азил и за бегство од татковината“, подвлекува Енд, кој одговара и на прашањето: што може Германија да направи за намалувањето на овие стереотипи за Ромите на Балканот?

„Пред се' мора да потсетам дека во седумдесеттите, осумдесеттите години, во времето на Југославија, Ромите беа добро вклучени во општеството. Доказ за ова се бројните научници, писатели, уметници, успешни луѓе на возраст од 50 – 60 години. Ова честопати се заборава и се презентира само оваа денешна слика за Ромите, сликата за сиромаштијата. Германија тука може доста да направи. Треба да бара поголема заштита на малцинствата во земјите од Западен Балкан, но пред се’ треба самата, тука на свој терен, во германската политика и медиуми, да си ги заврши обврските и да престане да ги негува и репродуцира наследените стари стереотипи за Ромите“, категоричен е Маркус Енд.