1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антибиотиците не се бонбони

Милчо Јованоски1 ноември 2014

Со кампањата „Антибиотиците не се храна“ отворен е фронтот на здравствените работници за на граѓаните да им се објасни потребата од нивно рационално користење. Дневно најмалку 50.000 граѓани во РМ земаат антибиотик.

https://p.dw.com/p/1DfT1
Фотографија: Fotolia/Nenov Brothers

Македонија и земјите од регионот се водечки во Европа по потрошувачка на антибиотици. Околу 18 на секои 1000 осигуреници на македонскиот Фонд за здравствено осигурување дневно употребиле антибиотик (во овој податок не се вклучени приватно купените антибиотици или оние употребени во болниците). Во Словенија, околу 14 на секои 1000 осигуреници дневно употребиле антибиотик. Во Данска, вкупно во примарната здравствена заштита, околу 16 жители од 1000 жители користеле антибиотик. Ако ги додадеме и проекциите за приватно купените, може да се каже дека во Македонија двојно повеќе се користат антибиотици од други држави во Европа. Дневно, најмалку 50.000 граѓани употребуваат антибиотици. Најмногу апчиња пијат беровци. Процентуално, секој беровец реализира по 17 рецепти од матичниот лекар. „Според податоците од ФЗОМ за потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот во примарната здравствена заштита (лекови од примарната позитивна листа), во последните шест месеци потрошувачката на антибиотици во земјата се зголемила за 10% во споредба со истиот период минатата година, а до крајот на оваа година се очекува процентот да се покачи и да биде 11%. За антибиотици во првата половина на 2014 година на товар на Фондот се реализирани 959.419 рецепти или 10% од вкупниот број рецепти за лекови од примарната позитивна листа. Најмногу рецепти за антибиотици се реализирани во Пробиштип - 705 рецепти на 1000 осигурници, а најмалку во Крушево - 267 рецепти на 1000 осигуреници во истиот период“, вели за ДВ м-р Кристина Христова, директор на Секторот Фармација во ФЗОМ.

Иште може да се купи антибиотик без рецепт, но поретко

До пред неколку месеци сликата кога граѓаните сами на своја рака купуваа антибиотици во аптеките беше секојдневие. Антибиотикот да се издава во аптека само со рецепт е законски пропишано од пред околу две години, но лекарите и фармацевтите, и на крајот инспекторите, прогледуваа низ прсти. Сега не е така, не‘ уверуваат неколку сопственици на аптеки кои ги контактиравме. Добивме предупредување, а дел од нашите колеги низ Македонија заработија и високи казни, велат тие. Често и туристите кои доаѓаат од соседните земји во Охрид, велат аптекарите, купуваа антибиотици, бидејќи кај нив исклучиво се земаат на рецепт. Летово беа изненадени поради тоа што не може да купат антибиотик без рецепт. И лекарите веќе внимаваат при издавањето на рецептите и кому и за што пропишуваат антибиотик.

Symbolbild Apotheke
Фотографија: fotolia/ fmarsicano

Кампања „Антибиотиците не се храна“

Токму поради големото количество на пропишани, издадени и купени антибиотици во Македонија, Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“, спроведуваат Кампања за рационална употреба на антибиотици и превенција од антимикробна резистенција. Организирана под мотото „Антибиотиците не се храна“, кампањата има за цел да ја подигне свеста за рационалната употреба на антибиотиците преку семинари во Велес, Прилеп, Битола, Тетово, Охрид и Штип, а централниот настан ќе биде во Скопје на 14 ноември – по повод Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици, кој од 2008 година Македонија го одбележува заедно со Европа. Со Националната кампања ќе се опфатат над 700 учесници од над 70 здравствени институции во вкупно 21 општина. Меѓу учесниците има лекари и здравствените работници,фармацевти, студенти, претставници на здруженија на пациенти и пошироката јавност,“ вели за Дојче веле Неда Милевска-Костова, извршен директор на Центарот за истражувања и соработка „Студиороум“.

Mazedonien Antibiotika
Фотографија: DW

Антибиотиците и корисни и штетни

„Ги купувавме како бонбони и на кило. Отсега ќе размислам“, вели Марија, по излегувањето од предавањето во Охрид околу тоа како, кога и во колкави дози треба да се земаат антибиотиците. Спротивно на практиката и убедувањата кај пациентите, антибиотиците немаат ефект врз вирусите и не треба да се употребуваат при вообичаени вирусни инфекции, како што се настинките и грипот. Тие се ефективни само при лекување бактериски инфекции, категорични се лекарите.

„Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ и доведува до развивање отпорност на бактериите кон антибиотикот, што инаку претставува нормален механизам на заштита на бактериите од неговото дејство. Па така, со текот на времето, отпорноста се зголемува, а бројот на ефикасни антибиотици се намалува. Примената на антибиотиците во случаи на сериозни бактериски инфекции, како и на вакцините, го продолжуваат животот на луѓето. Од друга страна, мора да се нагласи дека во последните 25 години не е откриен нов антибиотик. Оттука, ефикасноста на антибиотиците зависи директно од нивната рационална употреба. Според истражувањето спроведено од СЗО, повеќе од половина од сите лекови, вклучително и антибиотиците, се несоодветно пропишани или продадени, а половина од сите пациенти ги употребуваат антибиотиците несоодветно. Имено, антибиотиците мора да се употребуваат онака како што се пропишани од лекар, во препорачана концентрација, време на земање и интервал меѓу две дози. Дури и кога пациентот се чувствува подобро, антибиотикот мора да се земе до крај и во целосно пропишаната доза. Едно од најважните правила е дека никогаш не треба да се користи антибиотик оставен од лекувањето на претходна инфекција“, потенцира д-р Голубинка Бошевска, Националниот координатор за антимикоробна резистенција.

Mazedonien Antibiotika
Трибина во Охрид на тема антибиотици (9.10.2014)Фотографија: DW

Антибиотската резистенција е глобален проблем којшто има не само здравствени, туку и економски последици, бидејќи лекувањето на инфекција предизвикана од мултирезистентен сој може да е и до сто пати поскапо. Во Европа веќе има земји кои се соочуваат со тешко излечиви или неизлечиви инфекции, потенцираат стручњаците. Казните кон докторите или аптекарите се само еден дел од приказната. Информирањето на населението и зголемувањето на свеста за делувањето на антибиотиците, како што се најавува, треба да биде примарно и во иднина.