1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американскиот камбек на Балканот и македонското прашање

Марјан Ѓуровски
15 мај 2021

Денес најважно е враќањето на САД на Балканот и нивниот однос кон отворените прашања. Дали ќе се обнови активна врска со регионот или не се премногу заинтересирани со оглед на другите приоритети? Пишува Марјан Ѓуровски

https://p.dw.com/p/3tQCs
 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski
Фотографија: Marjan Gjurovski

САД имаат комплексна политика кон Балканот и денес тие немаат ексклузивен сојузник во овој дел од регионот. Тоа е многу битно за да не се наруши регионалниот баланс. Не треба да заборавиме дека американската надворешна политика е како рефлектор. Во еден момент е на едно место во светот, во друг момент на друго така што во овој момент регионот на Балканот не е од врвен интерес на САД. Нивен пристап за кој засега нема промени е ЕУ да биде поинволвирана во регионот што дополнително ја усложнува и така латентната состојба на нестабилност.

„Ниту еден проблем на Балканот не ќе беше решен во последните три децении, ако не беа синхронизирани САД и Европа", е став на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој нагласува дека важно за стабилноста на трансатланската заедница е кохезицијата меѓу партнерите.     

Стабилноста на Балканот во последните децении беше гарантирана од ветувањето за членство во Европската Унија (ЕУ) и од гаранциите за безбедност од САД и од НАТО. Двата столба на стабилноста се ослабени и денес сведочиме на враќање на геополитиката во регионот. Надворешниот контекст е драматично променет. Геополитиката може да ги зголеми влоговите во потикнување на локални кризи кои може да ескалираат.

По Студената војна и за време на ју-конфликтот, САД го проширија своето политичко присуство на Балканот преку билатерални политички и безбедносни односи, како и членство во НАТО. За некое време, САД одржуваа упориште во регионот и скоро го консолидираа своето геостратешко присуство во регионот. Сепак, по некое време, улогата на ЕУ во управувањето со кризи на Балканот се зајакна, намалувајќи го влијанието на Соединетите Држави. Како и да е, САД, по Доналд Трамп сега треба да го вратат своето влијание на Западниот Балкан преку партнерство и поддршка на ЕУ, особено како средство за спротивставување на руското влијание и големиот кинески продор.

Што треба да очекуваат Северна Македонија и Балканот од новиот американски претседател? Дали ќе се обнови  активна врска со регионот или не се премногу заинтересирани со оглед на другите приоритети. 

-претходни колумни: Необразована нација, небезбедна држава!

Колку е реално да се очекува американската администрација директно да се инволвира во градењето на демократски и политички капацитети во земјите во транзиција како што се Северна Македонија, Србија и Црна Гора? Но тоа е можно само доколку Западен Балкан е еден од главните приоритети на претседателот Бајден во надворешната политика на САД? Ако денот по утрото се познава, интересот за овој дел од Европа бавно ќе се враќа. За доаѓање на американска дипломатија со „булдожери" на овој дел од Балканот, ако некој ги посакува не може барем засега да се надеваме.

Софија дали се слушаме?

Оттука, и покрај очекуваниот став на официјален Вашингтон кон билатералниот спор што го има Скопје со Софија дека станува збор за попречување на патот кон ЕУ, нема изгледи дека реално може да се очекува поголем директен ангажман на Американците во македонско-бугарскиот спор барем во наредните неколку месеци. Во новата бугарска техничка влада имајќи го во предвид составот и ставот на бугарскиот претседател Румен Радев барем до формирањето на ново правителство и редовните претседателски избори во Бугарија, нема да има каде официјален Вашингтон да телефонира и покрај тоа што сите надежи на македонската власт и опозиција се во активирање на црвениот телефон. Ова е така затоа што Соединетите Држави сеуште се посветени да ја повратат силата и влијанието на Северноатлантскиот сојуз - НАТО, кој се чини изгуби моќ и влијание за време на пандемијата.

Американски приоритети

Во следните четири години, Америка ќе мора да го смени својот пристап кон институциите на светскиот поредок, сојузниците, но и конкурентите. Исто така, имајќи предвид дека јазот во моќта со најблиските не е каков што беше на крајот од Студената војна, ќе биде потребно за неа да има балансиран пристап кон различните форми на моќ што ги поседува и кон различните приоритети. Кога станува збор за приоритетите, на надворешна и безбедносна политика на администрацијата на америкнскиот претседател Бајден, врз основа на изјавите и краткото дејствување досега, се чини дека фокусот ќе биде на пет области: 1) Ревитализација на односите со сојузниците; 2) Зајакнување на институционалната димензија на светскиот поредок; 3) Справување со кинеската закана; 4) Сузбивање на руското влијание; 5) Средниот Исток.

Се разбира, ова не ги наведува сите приоритети на администрацијата на Бајден, бидејќи глобалната моќ привлекува и глобални интереси, бидејќи сè е важно за Америка. Според анализата на Центарот за општествен дијалог и регионални иницијативи, заживување на односите со сојузниците е клучно за конфронтацијата на Америка со клучните ривали како Кина и Русија, додека зајакнувањето на институционалната димензија на светскиот поредок е клучно за подигање на кредибилитетот и ефективноста на американската акција на Блискиот Исток. Можна е промена на приоритетите, меѓутоа беа голем „земјотрес" од колосални размери, администрацијата на Бајден се очекува да биде насочена кон 5-те споменати области.

Дали официјално Скопје има линк со тимот на Бајден?

Кои се поединците од надворешно-политичкиот тим на Бајден, кои ќе играат клучна улога во формирањето и спроведувањето на политиката кон Балканот. Тешко е да се очекува Блинкен или Саливан да посветат премногу време на планирање на политиките кон Балканот, но тие веројатно, заедно со претседателот, ќе ја повлечат секоја голема одлука (доколку ја има). Линда Томас Гринфилд ќе се занимава со нас само индиректно, преку седниците на Советот за безбедност за ситуацијата во регионот. Луѓето кои добро не познаваат се Палмер, Рикер, Нуланд - ќе ни посветат најголемо внимание.

Индиректно влијание на Балканот ќе остварува новиот Кисинџер во Бајденовата администрација Советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливен. Со оглед на тоа дека тој е познат како голем стратег и човек способен да ја види „поголемата слика“, несомнено е дека тој ќе ги процени односите на Балканот врз основа на интензитетот на односите со другите. Потенцијално значително големо влијание ќе остварува Ентони Блинкен кој нема да биде американски државник кој секојдневно ќе се грижи за Балканот, но сигурно ќе се слушаат луѓе од неговото „министерство“. 

-претходни колумни: Кој го става барутот во балканското буре?

Стејт департментот ќе ја усоврши постојната политика кон Балканот и ќе се погрижи за нејзино спроведување, додека шефот ќе биде вклучен само кога и ако е потребно. Она што е важно за нас е фактот дека во случај да се донесат важни одлуки на Балканот, Блинкен ќе седне покрај претседателот на Соединетите држави. Со оглед на нивната изразена близина, влијанието на Блинкен врз „кршењето" на одлуките може да биде значајно. Овде е т.н. специјалист за Балканот Викторија Нуланд која нема да има простор да се посвети на Балканот, како што тоа го стори од позицијата помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања (2013-2017), но како и да е, може да се очекува дека, благодарение на одличната експертиза, ќе се консултира за важни прашања за нашата земја и регионот. Дипломатот Филип Рикер кој доколку не замине за амбасадор во Белград или Будимпешта е линкот на официјално Скопје со администрацијата на американскиот претседател. Дипломатското искуство на Рикер во справувањето со балканските работи ја оправдува неговата важност во процесите на креирање и спроведување на американската политика кон (Западен) Балкан. За овој дел од Балканот важна улога ќе има и т.н. волк од Вашингтон Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД во Бирото за европски и евроазиски работи (задолжен за Западен Балкан и Егејскиот регион), специјален претставник на САД за Западен Балкан

Ако се цени по неговите изјави, новата администрација (на Бајден) ќе ја следи американската повеќедецениска политика кон Западен Балкан. Во интервју за албанската телевизија во средината на јануари, Палмер истакна дека верува оти американската политика ќе биде конзистентна, бидејќи такви се американските интереси. Имајќи го тоа предвид, но и функцијата што моментално ја извршува, Палмер веројатно ќе биде еден од официјалните лица кои најмногу ќе влијаат врз креирањето и спроведувањето на американската политика кон нашиот регион и Србија. б

Постојана историска константа

Дали Северна Македонија може да има долгорочен стратешки партнер во САД? Имајќи ја предвид моменталната состојба, се поставува прашањето, што може да стори Северна Македонија за да добие поголема корист од американските политички кругови и јавноста за реализација на нејзините национални интереси и надворешно-политичките цели? За да може Вашингтон повеќе да ги има предвид македонските интереси во иднина, потребно е подолг временски период стратешки и континуирано да се пристапува кон влијателните кругови во САД. Важен фактор во тоа ќе биде соработката со тинк-тенковите, невладиниот сектор, институтите, универзитетите и другите институции во кои денес седат луѓе кои ќе заземаат важни функции во иднина. За почеток официјално Скопје може да испрати свој амбасадор во Вашингтон.

Александар Поур, еден од најголемите англиски сатирични поети на 18 век, еднаш напишал: „Блажен е оној што не очекува ништо, бидејќи никогаш нема да се разочара“. Овој период е време на големи очекувања, кои честопати се создаваат од нереални претстави на реалноста, која повторно се формира или целисходно се сервира и се поставува претежно преку социјалните мрежи. Секој поединец кој е изложен на влијанието на масовните медиуми и социјалните мрежи денес има големи очекувања, од себе, од своите роднини, од колегите на работа, од владата и од своето секојдневие. Затоа, управувањето со емоциите станува една од најважните вештини денес. Од тука нашите очекувања од Вашингтон треба да бидат во рамките на реалноста зошто секој потег и одлука која ќе биде донесена од американската администрација ќе биде најмалку двапати премерувана. Не треба барем засега стратешките приоритети во македонската надворешна и внатрешна политика да сметаат само на картата на САД, зошто порано или подоцна разочарувањето може да биде големо на целата нација и граѓани дома.

Авторот е универзитетски професор