Автоиндустријата стравува од катастрофа поради Брегзит
23 септември 2019На околу еден месец пред излегувањето на Велика Британија од ЕУ, Европските здруженија на авто-производители како и 21 национално здружение во заедничка изјава предупредија на последиците за нив доколку се реализира Брегзит без договор.
Шефовите на автоиндустријата предупредуваат дека последиците во „виталните сектори“ ќе бидат тешки.
„Заминувањето на Обединетото Кралство од ЕУ без договор ќе отвори сеизмички промени во условите за трговија, а милијардите евра кои ќе бидат наметнати како царини ќе имаат големо влијание врз изборот на потрошувачите и врз цените од двете страни на Каналот“, велат тие во заедничка изјава.
„Крајот на безцаринската трговија ќе предизвика штетни последици врз оперативниот модел на индустријата, затоа што цената на запирањето на производството на само една минута во Велика Британија изнесува 54,700 евра“.
Првите луѓе на автоиндустријата проценуваат дека трговијата меѓу ЕУ и Британија ќе се соочи со дополнителни давачки од 5,7 милијарди евра, што пак ќе влијае на пораст на цената за крајните потрошувачи.
Затоа тие предупредуваат дека мора да се изнајде начин за Брегзит да се изведе по редовен пат и со меѓусебен договор.
Првиот човек на германската автоиндустрија, Бернхард Матес вели дека неговата бранша поседува повеќе од 100 производствени капацитети и центри за истражување и развој во Велика Британија.
„Од гледна точка на германската автоиндустрија, мора да се стори се за да се обезбеди слободно движење на стоки, услуги, слобода на капиталот и слободно движење на работници меѓу Обединетото Кралство и ЕУ“.