Австрија со закон против радикализација на исламот
15 декември 2014Австрија се сметаше за земја за пример за односот кон своето муслиманско население. Пред 102 години Австро-Унгарија со закон ги изедначи своите муслимански поданици. Денес во малата алпска република живеат повеќе од половина милион муслимани, во однос на целокупното население, тоа се трипати повеќе луѓе со муслиманска вера отколку во Германија. Новиот закон за исламот треба да делува против радикализација на исламот. На критиката од страна на Исламската верска заедница во Австрија наидува пред сѐ забраната за финансирање на имами од странство, како на пример од Турција или Саудиска Арабија. Умерените муслимани меѓутоа во тоа гледаат шанса.
Фабијан Рајхер е социјален работник од Виена, еден од неговите штитеници замина во „Света војна“ во Сирија. „Тој се информираше така што еден негов познаник е таму. Освен тоа пропагандата на одредени групи вели, дојди, потоа ќе ти биде подобро, така ќе се ослободите од гревовите и таму ќе имате убав живот, а тоа овде многумина го немаат“.
Вкупно според податоците на Министерството за внатрешни работи околу 160 наводни џихадисти од Австрија заминале во Сирија или Ирак. Најчесто млади луѓе со лошо образование и без работа. Околу половината потекнуваат од Чеченија, многумина од поранешна Југославија. При една голема рација на крајот на ноември беа уапсени 14 осомничени лица. Едниот од нив како проповедник на омраза во една џамија во Виена регрутирал млади мажи за џихад. Во алпската република живеат повеќе од половина милион муслимани, тие се Турци, Босанци, Арапи или Чеченци. Една третина од нив поседуваат австриско државјанство.
Финансирањето од странство сега треба да биде забрането. Тоа го предвидува новиот закон за ислам. Во Австрија за тоа се дискутираше три години. Министерот за надворешни работи Себастијан Курц подвлекува: „Се обидуваме да го потиснеме туторството и влијанието од странство и затоа стартуваме обука за имами на универзитетот во Виена и истовремено ќе го намалиме бројот на имами кои од странство се испраќаат во Австрија, бидејќи знаеме, на пример ако погледнам кон Турција, дека има имами кои се вработени во турската влада, и на кои турската влада има прво да им дава наредби. Тие се разбира не и даваат само религиозен белег на нашата земја, туку имаат и општествено-политичко влијание, до таа мера, која ние не ја сакаме“.
Новиот закон за исламот треба да донесе поголема правна безбедност за муслиманите и да помогне да се развие ислам со австриски белег. Затоа било неопходно „да има сѐ повеќе и повеќе имами кои се образовани во Австрија, кои зборуваат германски, кои се Австријци и ја познаваат нашата култура и нашата земја и знаат какви грижи имаат младите муслимани во Австрија“, вели Курц.
Освен тоа државното право треба да има предност пред религиозното право, така стоеше уште во првиот закон за исламот од 1912 година. Освен тоа исламиските верски заедници мораат да достават интерпретација за нивните верски содржини, девете во моментов употребувани верзии на коранот да се преведат на германски и да се одбегнува каква и да е легитимација на насилство.
Претставници на муслиманите се чувствуваат дека се ставени под генерален сомнеж и го критикуваат законот, на чија обработка и самите соделуваа. Министерот за надворешни работи Курц вели: „Нема и не смсее да има генерален сомнеж за муслиманите во Австрија, истовремено владата не смее да гледа настрана ако има развој во лош правец“.
Во муслиманските здруженија новиот закон за исламот е оспоруван. Претседателот на Исламската верска заеница Фуат Санац сепак смета: „Австрија играше голема улога во историјата, секогаш беше предводник што се однесува до религиозната слобода и сакаме да останеме на овој курс. Јас сум оптимист и мислам само позитивно и уверен сум дека овие проблеми заеднички ќе ги решиме“.
Новиот закон за исламот треба да биде усвоен од парламентот во јануари.