„Војната во Авганистан заврши'“
Претседателот на државата избега, радикално исламистичките талибанци ја зазедоа претседателската палата во Кабул. Населението во Авганистан е во неизвесност и страв. Странците се евакуираат.
Талибанците во центарот на моќта
По изненадувачки брзата офанзива во Авганистан, радикално исламистичките талибанци прогласија победа. Само по околу три месеци од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи од земјата, талибанците ја зазедоа палатата на претседателот Ашраф Гани.
Исламистите сакаат „да ги решат проблемите“
„Војната во Авганистан е завршена“, изјави Мохамад Наим, портпарол на талибанците. „Ги молиме сите земји и организации заедно да работиме на решавање на сите проблеми“, додаде тој. Формата на идната влада ќе биде набрзо објавена.
Симбол на новите владетели
На многу места во Авганистан талибанците го имаат закачено своето знаме. Така е и на централниот плоштад во Кундус (на фотографијата). Освојувањето на провинцискиот главен град во североистгочен Авганистан пред неколку дена беше шок за Западот. Во Кундус десет години беа стационирани германски војници.
Полициско возило во рацете на талибанците
САД потрошија милијарди долари за обука и опремување на авганистанската војска и полиција. Со капитулацијата на овие сили речиси без отпор, оружјето и опремата сега е во рацете на исламистите. На фотографијата талибански борци во полициско возило патролираат пред аеродромот во Кабул.
Гани е веќе во странство
Авганистанскиот претседател (на фотографијата - во текот на телевизиски говор непосредно пред бегството) наводно избегал во Узбекистан. Ашраф Гани е заедно со шефот на својот штаб во Ташкент, јави Ал Џазира повикувајќи се на информации на телохранител на Гани.
Масовно бегство од Кабул
Колони на улиците на Кабул на 15.08.2021 - многумина сакаат да ја напуштат земјата што побрзо. Според медиумски извештаи, талибанците наредиле никој да не биде спречуван при заминувањето од земјата. Многу луѓе се обидуваат да стигнат до аеродромот во Кабул пеш.
Гужви на аеродромот
Голем број држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Авганистан. Пред шалтерите на аеродромот во Кабул има долги редици веќе неколку дена. Во тек е и акцијата на враќање на германските државјани во татковината.
Евакуацијата е во тек
„Правиме сѐ за да им овозможиме на нашите државјани и нашите поранешни локални соработници да заминат во наредните денови“, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Авиони на германскиот Бундесвер заминаа во Авганистан како поддршка на евакуацијата.