Бомбашки напад врз претседателскиот кандидат
6 јуни 2014Пред вториот круг претседателски избори во Авганистан по една недела, се засилува бранот насилство и добива заканувачки размери.
Во двоен бомбашки напад чија цел бил кандидатот за претседателските избори во Авганистан со најголеми шанси за победа, Абдула Абдула, убиени се најмалку седум луѓе. Абдула самиот не е повреден. Заменик министерот за внатрешни работи Мухамед Ајуб Саланги изјави дека по еден предизборен собир во Кабул атентатор самоубиец се разнесол во воздух во близина на конвојот возила со претседателскиот кандидат Абдула.
Граѓаните на Авганистан на 14 јуни во вториот круг од претседателските избори треба да изберат наследник на досегашниот шеф на државата Хамид Карзаи меѓу поранешниот шеф на авганистанската дипломатија Абдула Абдула и поранешниот претставник на Светска банка, Ашраф Гани. Во првиот круг од изборите на 5 април Абдула доби 45 проценти од гласовите, но не и апсолутно мнозинство, додека за Гани гласаа 31, 6 насто од гласачите.
Гани го осуди нападот на својот противкандидат, нагласувајќи дека „тоа е чин на непријателите на Авганистан со цел да се попречи демократскиот процес во земјата“.
Хамид Карзаи исто така го осуди нападот. „Ова е дело на непријателите на авганистанскиот народ, кои не сакаат Авганистанците да го изберат својот следен претседател на слободни избори“, изјави Карзаи.
Американската амбасада во Кабул соопшти дека „авганистанскиот народ заслужува демократија, а не насилство“.
Талибанците побараа од Авганистанците да ги бојкотираат претседателските избори. Екстремистите на денот на првиот круг избори извршија неколку напади, но не им успеа да го спречат изјаснувањето. Доколку еден од кандидатите за претседател умре, според уставот изборите мора да се повторат.